Печени шампињони со балсамико (посно)
Состојки
- 400гр. свежи шампишони
- 2 лажици балсамико
- 2 лажички сенф
- 2 чешниња лук
- по вкус зачини сол, бибер, рузмарин, босилек
- по потреба вода
Подготовка
Пребарувајќи посни рецепти наидов на овој, па со некои мали измени решив да го подготвам. Во сите рецепти што ги најдов се употребува масло, но ете ми успеа и без масло да го спремам.
1. Печурките се мијат и сецкаат на половина (ако се поситни оставете ги цели). Ги зачинувате по вкус, јас употребив сол, бибер, сув рузмарин и сув босилек, промешувате убаво со раце и ставате во тава за печење. Доколку користите масло, ставете 2-3 лажици и потоа ставете ги во тава. За да не ми се лепат тавата ја покрив со алуминиуска фолија и потоа во еден ред ги распоредив печурките. Ставате во убаво загреана рерна да се печат 10тина минути.
2. Лукчето исчистете го и изрендајте го на ситно (или со алатка), ставете го сенфот, зачините, балсамико оцетот (и 2 лажици масло). Јас додадов од водата што ја испуштија печурките додека се печеа.
3. По 10 мин ги вадите печурките од рерна и или ги преливате со подготвената смеса или ги ставате во садот па убаво промешувате (вториов начин ми се виде подобар па така и направив). И повторно одат во рерна уште 15-20 мин, овој пат покриени со фолија.
Извадете и послужете.
Добар апетит.
*Наведената количина е доволна за 2 особи. Послужив со прилог од пире од компир и морков (не вистинско пире, туку компирот и морковот се сварени, испасирани и зачинети по вкус)