Испечати

Рендан колач

Рендан колач

Состојки

  • Тесто
  • 125 мл вода
  • 125 гр шеќер
  • 250 мл масло
  • 20 гр свеж квасец
  • 800-1000 гр брашно
  • Фил
  • 1 тегла мармалад од смокви (или по Ваша желба)
  • 3-4 раце сецкани ореви
  • Посип
  • 4 лажици шеќер во прав

Подготовка

Рецепт без многу компликации и со состојки кои во секое време ги имаме дома.

Стоплете ја водата, додадете малку од шеќерот во неа и ставете го квасецот да се активира.

Останатиот шеќер и маслото ставете ги во сад за месење, па кога ќе биде активиран квасецот, ставете го и него, промешајте ја целата смеса колку да се растопи шеќерот.

Потоа постепено додавајте од брашното и замесете тврдо тесто.
До кој степен да додавате брашно најлесно ќе проверите ако успеете да оформите топче, колку дланката, кое не се распаѓа. Ако сте ставиле премногу брашно, може да ставите малку вода и да месете уште кратко.

Вака замесеното тесто поделете го на два дела и оставете го да одмори 5 минути.

За тоа време тавчето во кој ќе печете намрсете го со малку масло и на дното, но и по страните.

Од тестото направете топчиња кои ќе ги рендате на крупната страна од рендето, по целата површина во тавчето.

Кога ќе го оформите првиот слој, врз него ставете го мармаладот и оревите, па изрендајте ја другата половина од тестото.

Печете во претходно загреана рерна на 170 степени 30-45 минути, зависно од каква боја сакате да добиете, златесто светла или пак потемно златно-кафена. Едноставно проверете.

Откако ќе се испече оставете го колачот да се олади, па обилно нанесете шеќер во прав.

Напомена
-Најважно е кога ќе го рендате тестото, тоа да го правите по целата површина, а не на купче, па да го разнесувате со раце. Исто и кога ќе го ставите мармаладот многу нежно, просто како да го галите, размачкајте насекаде. Многу е важно да не се сплеска тестото, туку да остане воздушесто и ровито.

-Откако ќе се испече, оставете да се олади, па потоа исечете го со тенко, остро ноже, бидејќи дури е се уште топол, колачот многу лесно се распаѓа. Ако веќе мора да го сервирате, вадете ги парчињата со помош на широка шпатула.
-Мармаладот што ќе го користите, препорачувам да не биде од оние со киселкасти вкусови, но сепак изборот го оставам на Вас.

Толку со филозофии!
Навалете!!!