Испечати

Изливача

Изливача

Состојки

  • 1 кгр. компир
  • 3 глави кромид
  • 5-6 јајца
  • 2 лажици брашно
  • на вкус сол и мелен црн пипер
  • 250 гр. ронето сирење или урда

Подготовка

Пробајте...можеби ќе ви се допадне. Овој рецепт од ризниците на нашите баби, сега малку модифициран со тоа што наместо вода се додаваат јајца, додаток е и сирењето. Можеби ќе ви се допадне. Нашите баби ја правеа само со компир, кромид, вода и брашно.
 
1. Компирот излупете го, изрендајте, оставете го настрана.
2. Кромидот исто така излупен, изрендајте го.
3. Сирењето изронете го, не го рендате.
4. Истискајте го компирот од водата која ја пуштил, осолете, додадете го во него црниот пипер, ронетото сирење - измешајте. Додадете јајцата и брашното - повторно измешајте. Добиената смеса исипете ја во тавче погодно за да не биде толку висока изливачата (побргу и полесно се пече) на кое сте поставиле хартија за печење.
5. Ставете да се пече во предходно загреана рерна на 200-250 степени.

Совет
-Смесата со јајцата и брашното треба да биде ретка, малку поретко од смесата за палачинки. Ова служи само да го поврзе компирот и не смее да се осети вкусот на брашното во изливачата.
- Треба да биде тенка - побргу и добро се пече, ако е подебела ќе ви остане недопечена.
- Доколку го сакате црниот пипер - препорака моја е да не го штедите многу,  го дава оној убав шмек. Пробајте ја и на вкус за соленоста, а имајте во предвид и колку ви е солено сирењето или урдата.
- Секогаш ставам сирење, повкусно ми е така, а вие одлучете си сами што ке ставите. Може урда без проблем да се користи.
- Служете ја со кисело млеко, кисела павлака, јогурт или како ќе одлучите вие.

Да ви е слатко!