Ригатоне
Состојки
- 500 гр. макарони Ригатоне
- 3 лажици маслинов зејтин
- 150 гр. пармезан
- 250 гр. рикота сирење
- 200 гр. кашкавал гауда
- 800 гр. сос болоњезе со мелено месо
Подготовка
Да ѕирнеме малку во кујната на италијанците, да видиме што ли тоа тие манџарат. Јас се одлучив за Ригатоне кој го правев само со мелено месо, а овојпат и со нивниот прочуен сос Болоњезе
1. Во посолена вода сварете ги макароните кои си го носат името како рецептот - Ригатоне и тоа ал-денте, потоа за кратко полијте ги со ладна вода, оставете да се добро исцедат. Откако се исцедиле и оладиле полијте ги со зејтинот и измешајте. Во нив додадете го пармезанот и измешајте ги.
2. Во модла на одкопчување бр.24 наредете ги макароните една до една.
3. Врз наредените макарони ставете го Рикота сирењето и со рацете или со рачката на лажицата потрудете се да се добро распореди да влезе и меѓу макароните.
4. Болоњезе сосот врел истурете го врз сирењето, исто така протресете ја модлата или повторно на исти начин потрудете се да и тој влезе меѓу макароните. Ставете во рерна да се подпекува околу 15 мин. на 200 степени.
5. Извадете и посипете го ренданиот кашкавал, повторно вратете во рерна, кога се стопи кашкавалот извадете.
Пријатен апетит!
Забелешка
- Пармезанот измешан со макароните ќе овозможи да тие не се лепат една за друга и лесно ќе ги наредите исправени една до друга. Немав јас пармезан и изрендав тврдо сирење, заврши работа и сирењето.
- Рикота сирење јас исто така немам, но толку слично ми е на нашата урда, па ставив урда измешана со рендано сирење.
- Како зимница имам спремано сос болоњезе без мелено месо, денес само го спржив мелено месо со кромид и додадов од веќе готовиот сос, а доколку немате, се надевам дека можете и знаете веке сите за тој сос, па ќе си спремите.
- Сосот е потребно да се налие врз макароните врел бидејки полесно навлегува меѓу и во макароните, а во исто време го топи и пармезанот. Потребно е да навлезе и во самите макарони бидејки ги прави посочни.
- Се јаде топла, но ако сакате да извадите парче како торта, навистина треба да биде оладено, така добро е зацврстено и комотно се сечат парчиња какви што сакате.
- Кај мене едвај вака извадено парче, го сечев веднаш откако го извадив од рерната вака спреамниот ручек, моите не сакаат ладно да јадат.