Испечати

Божиќен колач

Божиќен колач

Состојки

  • 450 гр кандирано овошје (цреши, смокви, вишни )
  • 230 гр кандирана кора од лимон и портокал
  • 150 гр суво грозје
  • 150 гр суви црни сливи
  • 150 гр суви рибизли
  • 150 гр свежи урми
  • 150 гр бадеми
  • 120 мл бренди
  • 60 гр брашно
  • 250 гр брашно
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 1/2 лажичка сол
  • 1 лажичка цимет
  • 1 лажичка мелено каранфилче
  • 1 лажичка пимент
  • 225 гр путер на собна температура
  • 440 гр кафеав шекер
  • 6 јајца на собна температура
  • 180 мл темен мед
  • 180 мл сок од јаболко

Подготовка

Божиќ изгледа далеку, ама овој колач за да ја развие потполната арома и вкус и да созрее треба да отстои најмалку 6 недели. Затоа, сега е време да се направи.
За Клара и ЛУДО, кои мислат дека досегашните мои рецепти се “со чекање“... Е не баш, овој е таков...

Исецкајте го на коцки кандираното овошје, кандираната кора од агруми, урмите и црните сливи. Бадемите излупете ги и исецкајте ги на ливчина. Цело суво и кандирано овошје заедно со бадемите ставете го во еден поголем сад кој добро се затвара, прелијте со Бренди, добро измешајте, затворете и оставете го во фрижидер најмалку преку ноќ.
На денот кога ке го подготвувате колачот обложете ги со хартија за печење дното и страните на округли калап број 24 или 26. Од страните хартијата нека е повисока за 2 - 3 цм од работ на калапот.
Рерната загрејте ја на 135 Ц.
Во смесата на суво и кандирано овошје додајте 60 гр брашно и измешајте.
Во еден мал сад со жица измешајте го брашното со солта, содата и зачините. Оставете на страна.
Измешајте го медот со сокот од јаболко. Оставете на страна.
Во еден многу голем сад за матење со миксер пенасто изматете го путерот, додајте го кафеавиот шеќер и повторно матете. Едно по едно додајте ги јајцата, добро матејки меѓу секое додавање. Продолжете да матите и наизменично додавајте ги брашното и сокот од јаболко, така да ќе почните и завршите со суви состојки. Јас сувите состојки ги додавам во три наврати, а водените во два. На крај со шпатула или со голема лажица измешајте го во смесата сувото овошје.
Истурете ја смесата во калапот за печење, израмнете ја површината и печете го колачот 3 до 3 1/2 часа. Проверете со чепкалка.
Оставете го колачот сосема да се излади. Прелијте го со 2 - 3 лажици Бренди, завиткајте го лабаво во хартија за печење, а потоа и во алуминиумска фолија. Ставете го во кутија која добро затвара и заборавете го до Нова Година или до Божиќ. Чувајте го на ладно, но не во фрижидер.

Е, кога после ке го отворите ке ве награди со исклучителен вкус, текстура и арома.
Ако сакате пред да го послужите можете да го обложите со марципан или со Ројал ајсинг.
Овој колач кај мене е обавезен за празниците. Сите мои пријатели кога ми доагаат на гости очекуваат да ги послужам со него или барем да им испратам по едно парче.
Годинава оваа количина ја печев во два калапи со пречник 16 цм и во 6 средни силиконски калапи за мафини. Сите поединечно ги завиткав и ги оставив да отстојат до празниците. Видот на суво и кандирано овошје можете да го менувате според ваша желба, тоа ќе ви даде и малку поинаков вкус на колачот, но запазете ја количината дадена во рецептот, 680 гр кандирано овошје и 600 гр суво овошје. Со годините мене оваа комбинација најмногу ми се бендиса. Наместо кандирано, можете да користите овошје од слатко, но најпрво добро нека се исцеди од сирупот.