Видео рецепт: Торта со моркови (Керот кејк)
Тортата со моркови (Керот Кејк) моментално се смета за класичен Американски рецепт, но таа станала популарна за време на Втората Светска Војна кога количините на брашно биле ограничени и морковот во тортата претставувал ефтина замена. Ова е прекрасен колач со фил од крем сирење.
Состојки
- 125 грама брашно
- 1 супена лажица прашок за пециво
- 1 супена лажица мелен цимет
- 200 грама шеќер во прав
- 175 милилитри растително масло
- 2 јајца
- 175 грама рендани моркови
За филот од Крем Сирење ќе Ви треба:
- 115 грама крем сирење
- 55 грама путер
- 225 грама шеќер во прав
- Половина кафена лажичка екстракт од ванила
- Ореви за декорација
Вид на оброк: Десерт
Комплексност: Лесно
Лица: 6
Време на подготовка: 30-60 мин.
Подготовка
Чекор 1: На почетокот ќе почнеме да ги мешаме сувите состојки заедно. Брашното, шеќерот, циметот и прашокот за пециво.
Чекор 2: Во смесата додадете 2 јајца и растително или сончогледово масло. Убаво измешајте ја со миксер додека состојките да се спојат и смесата да стане мазна. На крај ставете и 175 грама рендани моркови и измешајте со лажица.
Чекор 3: Намачкајте ја правоаголната силиконска тава со путер и потоа во неа сипете ја целата смеса за торта, и изгребете го садот за да не остане ни малку од смесата. Ставете ја тавата во рерна загреана на 180 степени 30 минути.
Чекор 4: Во меѓувреме ќе го направиме филот од крем сирење – во длабок сад ставете го крем сирењето заедно со малку путер. Убаво измешајте. Потоа додадете и шеќер во прав и продолжете да мешате додека да се спојат состојките. на крај ставете неколку капки екстракт од ванила. Измешајте уште еднаш, и готови сме.
Чекор 5: Извадете ја тортата од рерна. Оставете ја да се излади 15 до 20 минути, превртете ја и оставете ја да отстои уште малку, а потоа ставете го филот.
Чекор 6: Намачкајте го филот врз тортата и внимавајте тој рамномерно да ги покрие и аглите. Попрскајте со мелени кршени дробени ореви одозгора и ставете ја тортата во фрижидер пред сервирањето.
Чекор 7: Сервирајте ја тортата исечена на парчиња, и секако поканете неколку гладни пријатели!
СОВЕТ: Филот од крем сирење е генијален. Киселкастиот вкус на крем сирењето измешан со путерот и шеќерот во прав одлично одат со колачот со моркови одоздола. Слободно додадете ореви и во смесата за колачот, или пак ставете двојно повеќе од состојките и направете торта на слоеви.
Користени Делимано садови за подготовка на овој рецепт: Сет од 5 Калапи ;