Испечати

Слатко од смокви

Слатко од смокви

Состојки

  • 1 кг зрели смокви
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • 1 кг шекер
  • 1/2 лимон

Подготовка

Смоквите изберете ги зрели, ама не распукани и со цврста кора која не е оштетена. Најдобро да имаат и дршки кои малку ќе ги скратите.
Измијте ги и ставете ги во едно тенџере со вода колку да ги покрие и една лажичка сода бикарбона. Варете на средно силен оган неколку минути откако ке провријат. Не претерувајте со варење,  да не се распукаат. Веднаш потопете ги во ледена вода и добро исплакнете ги.
Во поширок сад во кој ќе го варите слаткото ставете го шеќерот со една чаша вода да се направи густ шербет. Една по една спуштајте ги смоквите во сирупот, најдобро е да бидат во еден ред. Варете на среден оган додека сирупот не се згусти, некаде околу 45 мин. Јас ставам чинивче за слатко во замрзнувачот, па на него пробам дали сирупот е доволно густ. Ако лажичката се лепи за сирупот, добар е.
Пред крај на варењето додајте го лимонот исечен на тенки кругови. Распенете го слаткото, покријте со влажна крпа и оставете го да се олади до другиот ден.
Соберете го во тегли и користете како ви одговара, како послужување за гости, со десртни креми, во торти и колачи, со чврст јогурт...
Додадено на 02.09.2012 - Многу од коментарите се зошто не се сплеснати смоквите, а стојат набабрени. Не знам, јас поинаку никогаш не сум варела слатко од смокви. Мислам дека е од се по малку. Смоквите мора да бидат зрели ама цврсти, кората не треба да биде оштетена ни размекната на места, мора да имаат рачки и само делумно да се скратат, оти ако се отвори смоквата во варењето семчината ке истечат и ке се сплеска. Мора да се варат во еден ред, како во содата, така и во сирупот. Во содата ги варам додека не фрлат пена, тоа е кратко, неколку минути. А ги спуштам во многу густ шербет и веке не мешам воопшто, само го протресувам тенџерето да се дигни пената да можам да ја соберам. Ете, тоа е се што правам....