Макарони од мојата кујна
Состојки
- 1 шоља брашно Тип 400
- 1 шоља семолина брашно ( ако немате, заменете го со ситен гриз )
- прстофат сол
- 1 лажица маслиново масло
- 3 големи јајца
Подготовка
Во еден поголем сад со жица добро измешајте ги двата вида брашно и солта. Направете вдлабнатина во средината и додадете ја лажицата масло и разматените јајца.
Мешајте со вилушка додавајки во јајцата од околното брашно. Кога е чврсто да се меша со вилушка почнете да го месите тестото на рака додека не го впие цело брашно, а потоа месете го уште 10 мин додека не стане мазно, компактно и еластично. Тестото треба да е чврсто, да не се лепи за работната површина, ама и да не е суво па да се рони. Обликувајте го во топка, завиткајте го во транспарентна фолија и оставете го 1/2 час на собна температура.
Расучете го тестото со сукало во многу тенки кори, или истенчете го на машина за паста до број 6 (така направив јас).
Исечете квадратчина со страна 5 цм па виткајте ги на округло стапче со пречник како молив по едната дијагонала да добиете форма на макарона. Притиснете ги аглите да се залепат. Треба брзо да се работи за да не се пресуши тестото, а ако сепак тоа ви се случи попрскајте ги корите сосема малку со пумпица која прави водена магла.
На една решетка ставете крпа, распоредете ги макароните и оставете да се просушат барем 1/2 час.
Варете ги во обилно количество добро посолена вода 5 - 10 мин. зависно од дебелината. Исплакнете ги тестенините и послужете ги со вашиот омилен сос.
Од истото тесто можете да правите таљатели, кори за лазања, равиоли или канелони или било која друга форма паста.
Ако немате Семолина заменете ја со најситен гриз, или обичниот гриз сомелете го во машинчето во кое мелите шекер.