Мадрас пилешко кари
Состојки
- 700 гр бело пилешко месо, исечено на поголеми коцки
- 5 лажици масло
- 1 - 2 лути зелени пиперчина, зависи колку луто сакате
- 1 каранфилче
- 2 мешунчина кардамом
- 2 големи главици кромид, исечени на мнооогу ситни коцки
- 2 цм свеж ѓумбир, излупен и ситно изрендан
- 4 чешнина лук, протиснати
- 1 лажичка чили во прав
- 1/2 лажичка мелен кумин
- 1/2 лажичка мелен коријандер
- 1 лажичка куркума
- 1 лажичка сол
- 1/2 лажичка мелено морско оревче
- 400 гр домати излупени и изрендани
- една рака ситно сецкан магдонос
Подготовка
Во поголемо тавче се загрева маслото на среден оган и се ставаат каранфилчето и мешунките кардамом кратко да се пропржат, да замириса. Се вадат и во тавата се додава исецканиот кромид. Се пржи со мешање на среден оган да добие боја на темен карамел. Колку подобро се карамелизира кромидот, карито ќе има побогат вкус. Се додаваат исецканите лути пиперчина, протиснатиот лук, сите зачини и кратко се пропржува. Се додаваат коцките месо, 50 мл вода и се пржи мешајки неколку минути. Се додаваат доматите, се промешува и покриено се вари дваесетина минути. Ако е многу течно, кратко се изврива отворено, да се згусти.
Се посипува со ситно сецкан магдонос.
Се сервира врело врз обарен ориз.
Дури подобро е претоплено другиот ден, има некако побогат вкус.