Колач со праски, бело чоколадо и локум
Состојки
- Подлога
- 160 гр брашно
- 80 гр путер или маргарин
- 1 јајце
- 50 гр шеќер
- 1 прстофат сол
- 1 лажичка какао
- Фил
- 300 гр праски
- 350 гр вода
- 4 лажици шеќер
- 2 пудинзи од ванила
- 60 гр бело чоколадо
- 200 гр локум
- Уште
- 100 гр црни бисквити, нутела , филџан млеко, кокос или мелена плазма
Подготовка
Брашното и маргаринот добро измешајте-истријте ги со дланките. Додадете го јајцето, шеќерот и малку сол и добро измесете. На крај, додадете го какаото и измесете додека се прошара смесата. Потоа расплескајте ја во помал калап, избоцкајте со вилушка и ставете да се печи на 180 степени 10-15 мин.
Во меѓувреме праските излупете ги и издробете ги. Со вилушка испасирајте ги (не мора да се кашести) и ставете ги да се варат. Кога ќе извријат, додадете ја и водата и шеќерот и почекајте повторно сето да проврие, па додадете ги двата пудинга разредени со 100 мл вода. Во сварениот пудинг додадете го локумите ситно исецкани и чоколадото искршено на ситни парченца. Убаво промешајте да се растопат. Вака подготвениот фил истурете го врз подлогата и оставете на кратко во фрижидер да се излади.
Стопете го малку црниот крем на пареа и премачкајте врз филот. Над кремот наредете од црните бисквити потопени во млеко и одозгора над нив обилно наросете кокос или мелена плазма.
Повторно оставете колачот добро да се стегни па сладете се. Добар апетит!
Забелешка - Колачот е лично моја импровизација, настанат како последица да се спасат праските кои не се изеле навремено. Ми требаше половина час да осмислам како би експериментирала со состојките, а да тоа биде навистина добро потрошено време во интерес на задоволителен десертен залак. Задоволството беше изненадувачки огромно, па заради тоа решив и овде да го споделам со вас. Доколку праските ви се поблаги можете да додадете во филот и исцеден сок од портокал, а во млекото за намакување ставете рум или арома на рум и Уживајте!