Тропски десерт во чаша на DL, по мое….
Состојки
- За крем
- 1 1/4 ( 310 мл ) полномасно млеко
- 1/2 шоља ( 100 гр ) шекер
- 1 кесичка ванилин шекер
- 35 гр нишесте
- 1 лименка кокосово млеко
- 4 големи жолчки
- 1 шоља ( 70 гр ) кокос
- За овошна мешавина
- 1 ананас излупен, исчистен од црните окца, со отстранета средина и исечен на коцки од 2-3 цм, или 1 голема лименка ананас
- 400 гр јаготки, исчистени од дршките, исечени на плочки дебели 5 мм
- 1 средно големо манго, излупено, исечено на коцки 2 цм
- 6 лажици шекер
- 1/2 шоља ( 125 мл ) рум
- 1/2 лимета само сок
- Уште
- 20 Савојарди кекси, или пандишпањ исечен на коцки
- малку кокос за украсување
Подготовка
Млекото, шеќерот и ванилиниот шеќер се ставаат во средно тенџерче на среден оган да се загреат. Со жица во среден сад се мати кокосовото млеко со жолчките и нишестето. Кога млекото ќе зоврие со стално мешање со жица се додава смесата со жолчки и се вари да се згусти како пудинг. Се трга од оган, се додава кокосот и добро се измешува. Се остава да се олади. Густината на кремот многу зависи од тоа колку се големи жолчките. Ако ви се гледа ретко, згуснете го со уште малку нишесте или кокос, а пак ако е прегусто, додадете уште малку млеко.
Коцките од ананас, свежи или од лименка, се проваруват околу 3 - 5 мин на средно тивок оган, без мешање, без сокот и се оставаат да се оладат. Велат дека вака се неутрализираат ензимите содржани во ананасот кои можат кремот да ви го направат водлест. Претпоставувам дека е точно, не сум пробала со непроварен ананас.
Во голем сад се става овошјето, се посипува со шеќерот, се прелева со сокот од лимета и румот. Внимателно се помешува.
Во чашите во кои ќе го послужите десертот се става на дното по една лажица крем, потоа по еден искршен кекс, па 2 лажици овошје. Се повторува додека да се наполнат чашите. Најгоре да биде слој крем врз кого украсно се редат неколку убави парчина од овошјето кои се посипуваат со кокос. Јас пред да го посипам кокосот овошјето го премачкувам со малку згуснат прелив за торта за да не ми се суши и да има убав сјај.
Оладете во фрижидер и послужете....
Овој рецепт е од книгата “Ready for Dessert" на David Lebovitz. Со почит кон мајсторот на кујната, јас го зголемив количеството на крем и го изменив начинот на сервирање. Се разбира, видот на овошје кое ке го употребите можете да го менувате.