Чоколадна Мус торта на мој начин
Состојки
- Подлога
- 300 гр мелени бисквити
- 125 гр маргарин
- 100 мл млеко
- чоколаден Мус
- 500 мл слатка павлака
- 300 гр чоколадо по избор
- бел крем
- 2 кесички шлаг пена
- 250 мл млеко (колку што пишува на кесичките за припрема)
- 150 гр бело чоколадо по избор
Подготовка
1. Најпрво се подготвува чоколадниот мус бидејки му треба време. Постепено се загрева слатката павлака со чоколадото. Постојано се меша со дрвена лажица до точка на вриење, но несмее да проврие. Кога ќе се тргне од оган се продолжува со мешање додека малку да подолади, а потоа со повремено мешање додека не се олади убаво. Оладената смеса ја оставаме во фрижидер да отстои најмалку 5 часа постепено да се стегнува. Потоа се мати до посакуваната густина. Најдобро е мусот да се направи одвечер, а утредента само да се доврши тортата.
2. Подготовка на подлогата.
Во мелените бисквити се додава растопениот маргарин и замлачено млекото. Убаво се меша да се соедини и се става во округли калап бр.26 се натапкува убаво и се остава малку да се стегне во фрижидер.
3. Подготовка на белиот крем.
Чоколадата ја топиме на пареа. Ја оставаме малку да се подолади. За тоа време ги матиме шлаговите.Кога ќе бидат на пола матени постепено ја додаваме чоколадата и матиме додека да се добие убава густина.
4. Финиширање.
Врз подлогата го додаваме темниот крем убаво го израмнуваме и врз него го додаваме белиот крем. Убаво го израмнуваме и ставаме во фрижидер. Пред послужување го вадиме обрачот од калапот и декорираме по желба.
5. Тие што сакаат кремасти торти верувам дека ќе бидат пријатно изненадени.Ова е моја комбинација, од три торти споив една ама излезе фантастично. Сега за празникот ја правев и сите што ја пробаа се воодушевија.Често правам вака комбинации за да се прилагодам на вкусот на домашните. Додуше најмногу се прилагодувам на вкусот на детулетотој си сака кремасто, што повеќе кремасто тоа поубаво.
Добар апетит