Испечати

Брусница

Брусница

Состојки

    Хранливи вредности на брусницата:

    Брусницата е уникатна дива дудинка која е богата со хранливи фито-материи (природни растителни состојки), особено антиоксиданси, кои се неопходни за одржување на доброто здравје.

    Брусницата е зимзелено џуџе, грмушка или лоза ползач која припаѓа на фамилијата Ericaceae, од родот Vaccinium и подродот Oxycoccos. Научното име на брусницата е Vaccinium macrocarpon.

    Во својата природна средина, брусницата најчесто може да се најде во киселите песочни бари во постудените делови од Европа, во северните држави од САД и во Канада. Растенијата всушност се џуџести грмушки или лози ползачи, кои достигнуваат до 2 метра во должина и од 10 до 20 сантиметри во височина. Имаат слаби, жилави и не многу дебели стебла на кои има зимзелени лисја.

    Плодот од брусницата е мала, округлеста, црвена дудинка со четири, централно распоредени ситни семки затворени во капсули. Брусницата има многу кисел вкус. Сезоната на брусницата обично трае од октомври до декември.

    Здравствени придобивки од брусницата:

    • Вкусната брусница содржи значително висока количина фенолни флавоноидни фито-хемикалии наречени проантоцијанидини. Научните истражувања покажаа дека конзумирањето на овие дудинки може да има потенцијални здравствени придобивки во насока на заштита од рак, стареење, невролошки заболувања, воспаленија, дијабетес и бактериски инфекции.
    • Антиоксидантските соединенија во брусницата, како што се: олигомерските проантоцијанидини, антоцијанидинските флавоноиди, цијанидинот, пеонидинот и кверцитинот можат да го спречат развојот на кардиоваскуларните заболувања, преку чистење на холестеролскиот плак кој се напластува во срцето и крвните садови. Овие состојки кои се содржат во брусницата му помагаат на телото да го намали лошиот ЛДЛ холестерол и да го зголеми корисниот ХДЛ холестерол во крвта.
    • Научните истражувања покажаа дека сокот од брусница обезбедува заштита од инфекции со грамнегативни бактерии, како што е ешерихија коли во уринарниот тракт, преку инхибирање на бактериското прицврстување на ѕидовите од мочниот меур и мочниот канал.
    • Конзумирањето на брусница предизвикува скиселување на урината. Ова, заедно со бактериското антиатхезивно својство на сокот од брусница помага во спречување на формацијата на алкалните (калциум амоњак фосфат) камења во уринарниот тракт, преку работењето против протеусните бактериски инфекции.
    • Исто така, сокот од брусница го спречува напластувањето на забниот камен, преку попречување на можноста за лепење на забите на уште една грамнегативна бактерија, Streptococcus mutans. На овој начин се спречува развојот на кариес, на многу сличен начин на којшто се спречуваат и инфекциите на уринарниот тракт.
    • Брусницата е и добар извор на повеќе витамини, како што се: витамин Ц, витамин А, бета-каротин, лутеин, зеаксантин и фолати; како и минералите: калиум и манган.
    • Капацитетот за апсорпција на оксигенски радикали (ORAC) кај брусницата изнесува 9.584 на 100 грама, што е еден од највисоките помеѓу овошјата што се јадат.

    Избор и складирање:

    Свежата брусница е достапна во периодото од октомври до декември. Во продавниците, избирајте ги оние дудинки кои се сочни, имаат сјајна црвена боја и немаат набори или оштетувања на лушпата. Антиоксидантските пигменти се најконцентрирани кај плодовите со изразена црвена боја. Фрлете ги сите влажни или мувлосани дудинки, затоа што бргу ќе ги расипат останатите. Свежите, но и сувите дудинки содржат најмногу антиоксиданси, додека соковите од брусница и коктелите со брусница имаат помала концентрација на хранливи материи и големо количество на додаден шеќер.

    Свежата брусница може да се чува во фрижидер до неколку дена. Отстранете ги сите избледени, набрани или лепливи дудинки пред да ги складирате останатите. Доколку се чуваат на собна температура, дудинките се расипуваат многу бргу.

    Употреба во кујната:

    Дивата брусница која се бере од природната средина може директно да се конзумира. Кога купувате од продавница, одбирајте дудинки со еднаква големина и боја. Пред јадење измијте ги со студена вода, за да ја задржите природната текстура.

    Совети за приготвување:

    • Свежата и сушената брусница може да се јаде како ужинка.
    • Киселата брусница е одличен додаток за секоја овошна салата.
    • Брусницата се користи како додаток во овошните коктели.
    • Брусницата може да се користи за приготвување колачи, фил за пити и сладолед.
    • Во прехранбената индустрија се користи за правење сос, џем и мармалади.
    • Сосот со брусница се користи во традиционалните рецепти за пилешко месо.

    Здравствено предупредување:

    Брусницата содржи оксална киселина, природна супстанца која е присутна во некои видови овошје и зеленчук (спанаќ, кељ), која може да кристализира во камења во уринарниот тракт кај некои лица. Поради тоа, луѓето кои имаат историја на проблеми со камења во уринарниот тракт не треба да јадат премногу од оваа дудинка, а особено треба да го избегнуваат зеленчукот од фамилијата brassica. Се препорачува и адекватен внес на вода, за да се одржи нормалната функција на уринарниот тракт.

    Оксалната киселина исто така ја попречува и апсорпцијата на минералите, како што се: калциум и магнезиум и со тоа предизвикува недостиг.

    Научните истражувања покажаа дека сокот од брусница го засилува ефектот на антикоагулантските лекови. Кај некои пациенти на терапија со антикоагуланти било забележано силно крварење во внатрешните органи откако започнале да пијат сок од брусница. Поради тоа, на пациентите кои примаат терапија со антикоагуланти им се препорачува да избегнуваат сок од брусница.