Банана
Состојки
Хранливи вредности на бананата:
Бананата е одличен природен извор на енергија во многу згодно пакување. Свежите, вкусни банани се достапни во текот на целата година и се многу евтини. Ботанички, овошјето припаѓа на фамилијата musaceae. Бананата е едно од комерцијално најодгледуваните растенија во тропските и суптропските региони.
Растението банана раѓа плодови во снопови. Плодовите се раѓаат во низи, а во секоја низа има од 6 до 20 плодови, а целиот сноп се состои од 5 до 20 низи. Постојат повеќе сорти банани, со различна големина (од 10 до 23 сантиметри), различна боја (од жолта до кафеава), различна тежина (70 до 150 грама) и различен вкус. Структурно, плодот има надворешна заштитна обвивка, а во внатрешноста вкусно, благо и киселкасто месо кое се јаде, со кремасто бела боја.
Кулинарската банана е друга сорта, која најчесто се користи за готвење. Таа е во блиско сродство со широко познатата банана, која уште се нарекува и десертна банана. Кулинарската банана се користи како основен прехранбен производ во Тајланд, Лаос и други делови од Југоисточна Азија, како и во повеќе делови од тропските региони во Африка.
Здравствени придобивки од бананата:
- Бананата има висока калорична вредност, но мал процент на масти. Ова овошје содржи солидна количина антиоксиданси, витамини и минерали кои се неопходни за одржување на здравјето.
- Пулпата од бананата е составена од меко месо кое лесно се вари, со едноставни шеќери, како што се фруктозата и сукрозата, кои штом ќе бидат изедени веднаш го подигнуваат нивото на енергија и инстантно го ревитализираат телото. Поради овие карактеристики, бананите често се користат од спортистите за добивање инстант енергија и како додаток на исхраната во плановите за третман на неухранети деца.
- Бананата содржи солидна количина растворливи растителни влакна (7 проценти од дневно препорачаната доза во 100 грама), кои помагаат во одржувањето на нормална дигестија и со тоа спречуваат појава на констапација.
- Бананата содржи голем број флавоноидни полифенолни антиоксиданси кои се корисни за здравјето, како што се: лутеин, зеаксантин, бета и алфа каротини, во мали количини. Овие состојки помагаат во процесот на собирање на оксигенските слободни радикали и реактивните оксигенски видови кои имаат клучна улога во процесот на стареење и во развојот на повеќе болести.
- Исто така е многу добар извор на витамин Б6 (пиридоксин) - обезбедува околу 28 проценти од дневно препорачаната доза. Пиридоксинот е исклучително важен витамин од Б-комплексот, кој игра значајна улога во третманот на невритис, анемија и во намалувањето на нивото на хомоцистин (еден од предизвикувачките фактори на заболувањата на срцевите артерии и мозочни удари) во телото.
- Ова овошје исто така е добар извор на витамин Ц (околу 8,7 милиграми во 100 грама). Конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси и да ги собере штетните, оксигенски слободни радикали.
- Свежите банани обезбедуваат адекватни количини од минералите, како што се: бакар, магнезиум и манган. Магнезиумот е клучен за зајакнување на коските и има важна заштитна улога кога станува збор за кардиоваскуларниот систем. Манганот се користи во телото како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Бакарот е неопходен за создавањето на црвените крвни зрнца.
- Свежата банана е исклучително богат извор на калиум. Во 100 грама овошје има 358 микрограма. Калиумот е важна состојка на клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок, преку поништување на штетните ефекти од натриумот.
Избор и складирање:
Откако ќе узреат, бананите се многу кревки и започнуваат бргу да скапуваат. Поради тоа, бананите обично се берат кога се зелени, затоа што транспортот е полесен кога овошјето е црвсто.
За да узреат, вообичаено се подложуваат на етилен или пак се чуваат во близина на друго зрело овошје. Во продавниците, бирајте банани во зависност од тоа кога планирате да ги јадете. Позелените траат подолго, додека жолтите и оние со кафеави точки на лушпата треба да се изедат во рок од неколку дена.
Бананите погодни за јадење треба да бидат цврсти, со светло жолта боја и да оддаваат пријатен мирис. Лушпата треба лесно да се одвојува од месото. Узреаните свежи банани се побогати со хранливи материи и имаат подобар вкус.
Избегнувајте меки или оштетени банани, затоа што не се најпријатни за јадење.
Употреба во кујната:
Бананите имаат природна заштитна обвивка и поради тоа имаат помала веројатност да бидат контаминирани со бацили или прав.
- Едноставно излупете ја бананата и уживајте!
- Парчињата банана се одличен додаток за секоја овошна салата.
- Свежиот „банана милкшејк“ со сируп е многу вкусен пијалак.
- Бананите исто така можат да се користат за правење џем.
- Похованата банана може да се сервира со сладолед.
- Чипсот од банана е одличен вид грицки. Се произведува од дехидрирана или пржена банана или кулинарска банана.
- Пасираната зрела банана може да се додаде во торти, колачи, пудинзи, итн.
- Кулинарската банана многу често се користи како зеленчук во голем број рецепти.
Здравствено предупредување:
Бананите понекогаш можат да предизвикаат алергии на кожа или системски алергиски реакции. „Оралниот алергиски синдром“ кој предизвикува чешање и потекување на устата или грлото, неколку часа по јадењето, е поврзан со алергиите на бреза и други полени. Другиот вид реакција е поврзан со алергијата на латекс и предизвикува потенцијално сериозни гастроинтестинални симптоми, како што се: мачнина, повраќање и дијареа.