Смоква
Состојки
Хранливи вредности на смоквите:
Вкусната и слатка смоква е едно од најстарите овошја во кои уживале луѓето. Смоквата е природно богата со голем број хранливи фито-материи, витамини и антиоксиданси корисни за здравјето. Сувите смокви претставуваат концентриран извор на витамини и минерали. Целосно узреаната смоква има форма на ѕвоно или крушковидна форма и сочно месо.
Ботанички, смоквите припаѓаат во фамилијата moraceae од родот ficus. Научното име на смоквата е ficus carica.
Растението смоква е дрво кое потекнува од умерената клима во Мала Азија (денешна Турција), а денес се одгледува на повеќе места, главно во источниот медитерански регион, Шпанија и САД. Исто така се одгледува и како овошно дрво во многу домашни градини и дворови насекаде низ светот. Во секоја сезона, двапати годишно, ова дрво раѓа стотици плодови со крушковидна форма, кои варираат според големината и бојата во зависност од сортата.
Внатрешно, смоквата содржи бројни плодници кои постепено се стеснуваат кон шупливата средина од плодот. Во природната средина, смоквите се поленизираат од еден вид мала оса (Blastophaga grossorum) која влегува во цветниот сноп преку малиот отвор на врвот.
Постојат неколку видови сорти кои се одгледуваат комерцијално. Најпопуларните сорти се: Кафеава турска смоква, Конадрија, Кадота и Црна смоква. На местата каде што не живее осата, смоквите немаат вистински семки и се развиваат преку партеногенеза (без поленизација).
Здравствени придобивки од смоквата:
- Смокавата е овошје со ниска калорична вредност. Во 100 грама свежи смокви има само 74 калории. Од друга страна, содржат бројни материи кои се корисни за здравјето и општата благосостојба, меѓу кои најважни се: растителните влакна, витамините, минералите и пигментните антиоксиданси.
- Сувите смокви се одличен извор на витамини, минерали и антиоксиданси. Всушност, сушените смокви се концентриран извор на енергија. Во 100 грама суви смокви има 249 калории.
- Свежите смокви, особено црните смокви, содржат солидни количини полифенолни флавоноидни антиоксиданси, како што се: каротините, лутеин, танини, хлорогенична киселина итн. Антиоксидантската вредност е споредлива со таа на јаболкото и изнесува 3200 umol/100 грама.
- Дополнително, свежите плодови содржат адекватни количини од некои антиоксидантски витамини, како што се: витамин А, витамин Е и витамин К. Сите овие фито-хемиски состојки содржани во смоквите делуваат заедно во насока на собирање на штетните оксигенски слободни радикали од телото и со тоа заштитуваат од повеќе видови рак, дијабетес, дегенеративни болести и инфекции.
- Научните истражувања укажуваат дека хлорогенската киселина во ова овошје помага во снижувањето на нивото на шеќер во крвта и при контролата на гликоза во крвта, во случаите на дијабетес развиен на поголема возраст.
- Свежите, но и сувите смокви, содржат солидна количина витамини од Б-комплексот, како што се: ниацин, пиридоксин, фолати и пантотенска киселина. Овие витамини служат како кофактори за метаболизмот на јаглехидратите, протеините и мастите.
- Сувите смокви се одличен извор на минерали, како што се: калциум, бакар, калиум, манган, железо, селен и цинк. Во 100 грама суви смокви има 640 микрограма калиум, 162 микрограма калциум и 2,03 микрограма железо. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок. Бакарот е неопходен за создавање на црвените крвни зрнца. Железото е неопходно за формирањето на црвените крвни зрнца, но и за клеточната оксидација.
Избор и складирање:
Смоквите се достапни во текот на целата година, но сепак се најквалитетни во периодот од мај до ноември. Во продавниците можат да се најдат свежи и суви смокви. Кога купувате свежи смокви, барјте зрели плодови кои се меки и оддаваат слатка арома.
Избегнувајте ги претерано меките, набиени плодови кои имаат зафатено мувлија. Исто така, избегнувајте ги и недозреаните, зелени плодови, бидејќи се стегнати и немаат вкус.
Смоквите скапуваат прилично брзо и треба да се изедат веднаш, а во спротивно, треба да се чуваат во фрижидер, каде што можат да останат свежи неколку дена. Ставете ги во најлонска ќеса или ќеса што се затвара и ставете ги во фрижидер, подесен на висока релативна влажност. Од друга страна, сувите смокви можат да го задржат квалитетот 6 до 8 месеци.
Употреба во кујната:
Смоквите мора да узреат пред бербата. Можат да се јадат свежи или по сушењето на сонце или вештачко сушење.
За да ги јадете свежи, потопете ги смоквите во студена вода, нежно избрешете ги со мека ткаенина или со хартиени шамивчиња. Свежите смокви можат да се јадат цели или лупени. Кога ќе ги извадите од фрижидер, ставете ги во чинија со вода, за да ги приспособите на собна температура и да се збогати вкусот.
Совети за приготвување:
- Најдобро се ужива во благите и сочни смокви без какви било додатоци.
- Свежите смокви се одличен додаток за овошни салати, колачи и сладолед.
- Сувите смокви можат да се додадат во супа, чорба, како и за збогатување на вкусот на месо од живина, јагнешко или дивеч.
- Сувите смокви се одличен додаток во печива, торти, пити и колачи.
- Уживајте во маринираните смокви со сос од малини.
Здравствено предупредување:
Лисјата од смоквата и недозреаните плодови создаваат бел латекс, кој може да навлезе во кожата предизвикувајќи чувство на печење. Латексот од смокава содржи неколку состојки, како што се: фурокумарини, 5-метоксипсорален, итн., кои можат да предизвикаат алергиски реакции на клеточниот имунитет. Доколку не се третираат изложените места, тоа може да доведе до драстични алергиски ерупции на тие делови.
Јадењето смокви исто така може да предизвика алергиски реакции, вклучувајќи повраќање, дијареа и чешање на кожата и слузокожата кај некои лица. Поради тоа, луѓето кои имаат историја на алергии на смокви, треба да ги избегнуваат.