Испечати

Боранија

Боранија

Состојки

    Хранливи вредности на боранија:

    Кревката и флексибилна боранија е омилен зеленчук на вегетаријанците, поради присуството на голем број хранливи материи. Се работи за зелени плодови од растението од фамилијата fabaceae, научно познато како Phaseolus vulgaris.

    Пошироко, мешункастите растенија се класифицирани според начинот на растење како грмушкасти растенија, кои стојат исправени без потпора. Другите видови недозреани плодови од мешункастите растенија се: бел грав, шарен грав, црвен грав и црн грав. Речиси сите видови се достапни во текот на целата година, насекаде низ светот.

    Здравствени придобивки од боранијата:

    • Свежата боранија има многу ниска калорична вредност (31 калорија во 100 грама свежа боранија) и не содржи заситени масти, но е многу добар извор на витамини, минерали и микро хранливи материи од растително потекло.
    • Боранијата е многу богат извор на растителни влакна (9 проценти од дневно препорачаната доза во само 100 грам), кои служат како еден вид лаксатив кој помага во заштитата на слузокожата во дебелото црево преку намалување на изложеноста на токсични материи, како и преку сврзување со канцерогените материи во дебелото црево. Растителните влакна, исто така, го намалуваат нивото на лошиот ЛДЛ холестерол во крвта, преку намалување на реапсорпцијата на жолчната киселина (која се сврзува со холестеролот) во дебелото црево.
    • Боранијата содржи одлична количина витамин А и голем број флавоноидни полифенолни антиоксиданси кои го одржуваат здравјето, како што се: лутеин, зеаксантин и бета-каротин. Овие супстанци се присутни во солидни количини и помагаат во собирањето на оксигенските слободни радикали, кои се одговорни за процесот на стареење, како и за развојот на цела палета болести.
    • Зеаксантинот е важен прехранбен каротиноид во боранијата, кој селективно се апсорбира во слузокожата на ретината, каде што се смета дека дава антиоксидантска заштита и игра улога во филтрацијата на светлината. Поради тоа, се смета дека игра значајна улога во спречување на развојот на „болести на очите предизвикани од старост“.
    • Свежата боранија е добар извор на фолати. Во 100 грама свежа боранија има 37 микрограма фолати или 9 проценти од препорачаната дневна доза. Фолатите, заедно со витаминот Б12 се дел од есенцијалните состојки за синтеза на ДНК и делбата на клетките. Исхраната со соодветна застапеност на фолати во периодот пред зачнувањето и за време на бременоста може да спречи појава на невролошки дефекти кај новороденчето.
    • Боранијата исто така содржи солидни количини на витамин Б6 (пиридоксин), тиамин (витамин Б1) и витамин Ц. Конзумирањето храна богата со витамин Ц помага во создавањето отпорност кон инфективните агенси и подобро собирање на штетните слободни радикали.
    • Дополнително, боранијата содржи здрава количина на минерали, како што се: железо, калциум, магнезиум, манган и калиум, кои се есенцијални за метаболизмот. Манганот е кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас, кој е многу моќен собирач на слободните радикали. Калиумот е важна состојка на клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето, но и во контролата на крвниот притисок.

    Избор и складирање:

    Свежата боранија треба да биде кревка, долга, крута, а сепак флексибилна и да создава карактеристичен звук при кршење. За да извлечете максимум од вкусот и хранливите материи, доколку сте во можност, купувајте органски одгледуван зеленчук.

    Избегнувајте меки или презреани парчиња со тврда лушпа.

    За складирање, ставете ги во избушена најлонска ќеса и потоа во фрижидер, подесен на висока релативна влажност. На тој начин ќе останат свежи и до една недела.

    Употреба во кујната:

    Измијте ја свежата боранија во студена вода. Пред да ја користите, поткастрете ги краевите.

    Совети за приготвување:

    • Боранијата е една од најбараните состојки во пржените јадења, чорбите, зготвените салати, барена заедно со моркови, карфиол, грашок, домати итн.
    • Боранијата може да се меша со кашкавал, јаткасти плодови, печурки, морска храна, месо итн.
    • Во Азија се користи за приготвување кари, супи, пржени јадења со ориз, итн.

    Здравствено предупредување:

    Боранијата содржи оксална киселина, супстанца што природно настанува и која може да се најде во некои видови зеленчук. Кај некои луѓе, оваа киселина може да се кристализира во форма на камења во уринарниот тракт. Поради тоа, луѓето кои имале проблеми со камења во уринарниот тракт се советуваат да избегнуваат зеленчук од фамилиите brassica и fabaceae. Се советуваат да внесуваат адекватно количество вода, за да ја одржат нормалната функција на уринарниот тракт и да го минимизираат ризикот од оформување камења.