Испечати

Праз

Праз

Состојки

    Празот е растение слично на кромидот, кое спаѓа во родот allium. Има деликатен вкус, цилиндрична форма и листесто стебло. Растението е двегодишно, расте високо и тенко и има долго, цилиндрично стебло составено од напластени листови. Најчесто се користи како зеленчук, на повеќе места во Европа, Америка и Азија.

    Ботанички, припаѓа во фамилијата кромидести растенија alliaceae, во родот аllium. Сепак, за разлика од другите растенија од истиот род, како што се кромид и лук, празот не формира кромитки.

    За да успее, на растението му е потребна плодна и добро дренажирана почва. Вообичаено, се одгледува како едногодишно растение, на многу места во Европа и Азија. Засадувањето може да се направи или со сеење семе или пак со пресадување мали растенија. До бербата се потребни од 100 до 120 дена.

    Вообичаено, празот се засадува во длабоки леи, за да се ограничи изложеноста на сонцето, кое во спротивно ќе ги позелени стеблата (хлорофилна пигментација) поради фотосинтезата. Како што растението расте, се растргнува земјата околу секое стебло, за да се создаде ров што ќе го заштити од претерана изложеност на сонце. Овој метод се користи за да се добијат подолги бели стебла.

    Здравствени придобивки од празот:

    • Празот содржи голем број важни флавоноидни антиоксиданси, витамини и минерали, кои имаат докажано позитивно влијание врз здравјето.
    • Празот има ниска калорична вредност. Во 100 грама свеж праз има само 61 калорија. Дополнително, долгите стебла содржат солидна количина растворливи и нерастворливи растителни влакна.
    • Иако празот содржи пропорционално помалку тио-сулфинати отколку лукот, сепак во него има доволна количина од овие антиоксиданси, како што се диалил дисулфид и алил пропил дисулфид. Овие состојки се претвараат во алицин преку ензимска реакција, кога ќе дојде до нарушување на стеблото (гмечење, сечење итн.).
    • Лабораториските истражувања покажаа дека алицинот го намалува производството на холестерол преку инхибиција на HMG-CoA редуктивниот ензим во клетките од црниот дроб. Дополнително, кај него биле откриени антибактериски, антивирални и антигабични својства.
    • Алицинот исто така ја намалува крутоста на крвните садови преку ослободување азот монооксид (NO), а со тоа го снижува крвниот притисок. Исто така оневозможува формирање тромбови и има фибринолитско дејство во крвните садови, што помага при намалување на ризикот од развој на кардиоваскуларни заболувања на артериите и периферните крвни садови, а го намалува и ризикот од мозочен удар.
    • Празот е одличен извор на витамини и минерали кои се клучни за доброто здравје. Листестите стебла содржат неколку есенцијални витамини, како што се: пиридоксин, фолна киселина, ниацин, рибофлавин и тиамин во здрави колични. Во 100 грама свеж праз има околу 64 микрограма фолати. Фолната киселина е клучна за синтезата на ДНК и делбата на клетките. Соодветната застапеност во исхраната во текот на бременоста може да помогне во превенцијата на невролошки оштетувања кај новороденчињата.
    • Дополнително, празот е еден од најдобрите извори на витамин А (1.667 интернационални единици или 55 проценти од дневно препорачаната доза во 100 грама) и други флавоноидно-фенолни антиоксиданси, како што се каротини, ксантин и лутеин. Исто така содржи и други есенцијални витамини, како што се: витамин Ц, витамин К и витамин Е. Витаминот Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективни агенси и ги собира штетните слободни радикали кои предизвикуваат воспаленија.
    • Исто така, стеблата праз во себе содржат и мали количини од минералите: калиум, железо, калциум, магнезиум, манган, цинк и селен.

    Избор и складирање:

    Празот е најквалитетен во текот на пролетта. Сепак, во некои супер маркети може да се најде свеж во текот на целата година. Кога купувате праз, ако сте во можност, одберете свеж, органски праз, бидејќи има најбогат вкус и најдобри хранливи карактеристики. Барајте еднолични, долги, цврсти, бели стебла со здрав корен, затоа што тоа се знаците кои укажуваат дека растенијата се свежо набрани.

    Избегнувајте стебла со потсушени врвови со жолтеникави точки. Штом ќе стигнете дома, завиткајте ги во мека хартија и ставете ги во фрижидерот. Тоа ќе ги одржи стеблата во свежа состојба од една недела до 10 дена.

    Употреба во кујната:

    Празот додава умерен, благ, кромидест вкус на јадењата во кои се користи. Има помалку нападни вкус и мирис отколку лукот и кромидот. Иако поретко се користи надвор од Европа, неговите деликатни стебла од неодамна го пронајдоа својот пат и во ориенталната и медитеранската кујна.

    За да го приготвите, отсечете ги дебелите зелени листови на врвот. На сличен начин потсечете го коренот на долниот дел. Потопете го во голем сад со вода, за да ги измиете сите остатоци од прав, песок и земја. Избришете го со мека хартија.

    Надворешните обвивки обично се лупат со рака. Можеби сакате да го исецкате во прстени, на коцки или пак по должина. Користете нож според потребите и рецептот кој го приготвувате.

    Совети за приготвување:

    • Исецканите млади стебла праз, но и поголемите кревки стебла можат да се користат живи во салати.
    • Особено добро оди во комбинација со други зеленчуци, путер, кајмак, морска храна, кашкавал и јајца.
    • Деликатните стебла се најбарани, а особено се погодни за приготвување супи и чорби. Супата од компири и праз е омилена во зимскиот период во Северна Европа, а особено во Велика Британија и Франција.
    • Ситно исецканиот бел праз се користи за приготвување на киш, со додавање ругола и билки како босилек.

    Исто така, празот може да се користи на пици, во сосови за тестенини, но и исто како младиот кромид во јуфки, запржен ориз и други вкусни рецепти.