Испечати

Чоколадно малинеста торта

Чоколадно малинеста торта

Состојки

  • За корите
  • 2 жолчки
  • 4 белки
  • 4 лажици вода
  • 4 лажици масло
  • 4 лажици шекер
  • 2 со врв полни лажици какао
  • 5 лажици брашно
  • 1 ванила
  • Чоколаден крем
  • 4 жолчки
  • 240 мл. млеко
  • 150 гр. Милка чоколадо со екстра какао
  • 130 гр. нутела или крем со лешник
  • 125 гр. путер, маслац или маргарин
  • на вкус рум ексенција (препорачано 2 капки)
  • Малинов слој
  • 350 гр. малини
  • 200 мл. вода
  • 5-6 лажици шекер или според ваш вкус
  • 1 лажица нишесте (може доколку најдете пудинг од малини)
  • 15 гр. желатин
  • Ганаш
  • 100 гр. чоколада за готвење
  • 100 мл. слатка павлака

Подготовка

Првата пензионерска торта.. ...
 
1. Корите
- Се делат жолчките и белките. Белките се изработуваат во снег. Жолчките и шеќерот се изработуваат до побелување, се додава водата, маслото и се размешува. Се додава измешаното брашно со какаото и ванилата, пак се меша да се добие хомогена смеса без грутчиња. На крај се меша снегот од белките кој внимателно со шпатула го мешаме за да не спласне снегот од белките, но да се добие повторно хомогена смеса. Смесата поделете ја на три дела. Печете во модли бр.20 чие што дно сте го покриле со хартија зе печење. Се пече во претходно загреана рерна на 160 степени 15 мин. Можете да ги печете засебно доколку имате само една модла со тој дијаметар. При вадењето на корите хартијата за печење не ја одстранувате туку тоа ќе го направите кога ке се формира тортата.

2. Чоколаден крем
- Се става млекото да се грее, а жолчките разматете ги со миксер, тргнете го загреаното млеко од ринглата, додадете во него разматените жолчки, вратете на огнот на тивок оган да се варат до згуснување притоа постојано мешајки. Доколку ви се направат грутчиња кои резултираат од врелината на млекото, нема паника, едностаавно со пасаторот разбијте ги и нека се вари како што кажав до згуснување, 7-8 минути се доволни за да го добиете потребниот јајчен крем. Тргнете од огнот, веднаш додадете ја нутелата и на помали парчиња искршеното чоколадо, мешајте да се растопи. Додадете го сега и маргаринот или путерот кој исто така е исечен на помали коцки. Мешајте нека се растопи, но ако забележите дека е отежнато топењето на маргаринот или путерот, вратете на веќе млаката рингла и мешајте додека се стопи. Додадете ја и есенцијата од румот. Размешајте и поделете на два еднакви дела.
Сега се започнува со формирањето
- Ставете една кора на тацната на која цените дека треба да стои превртувајки ја така што хартијата за печење да биде одозгора и одстранете ја. Околу оваа кора ставете го прстенот од самата модла или пак ако имате посебен, закопчајте. Врз оваа кора истурете ја првата половина од чоколадниот фил, веднаш ставете ја врз него втората кора, одстранете хартијата, тргнете на страна и почнувате да го приготвувате малиновиот слој.

Малинов слој
- Пригответе го желатинот според упатството на паковањето,
- Малините се стават во сад со водата и шеќерот, се варат околу 7-8 мин. после зовривањето. Тргнете и доколку сакате испасирајте ги преку цедалка, вратете повторно во садот. Во вода се раствара нишестето, се додава во смесата од малините- нека вари најмногу 2 мин, се трга од огнот. Додека малку да олади, над пареа ставете желатинот да се стопи, тргнете и истурете кај малиновата смеса која не треба да е оладена многу, да е млака. Измешајте убаво и истурете врз кората, се дава можност да се израмни и измазни убаво.
- Врз малиновиот слој ставете ја третата кора, малку налегнете за да залепи.
- Останата половина од чоколадниот крем доколку е тешко да се истури врз третата кора - слободно малку загрејте го - истурете врз кората. Оставете да се добро олади.
Ганаш
- Загрејте ја павлаката добро, но не и да проврие. Тргнете од огнот, додадете го на мали парчиња искршеното чоколадо и мешајте да се стопи. Нека олади до толку за да може лесно да се залее тортата која веќе е добро оладена. Го тргате обрачот од неа. Ако има можност со шпатула измазнете ја, залијте со ганашот одозгора и нека слободно тече од страните и нека си прави сама шари или пак - декорирајте си ја како сакате вие.
НАПОМЕНА
- Овие состојки се токму за модла со дијаметар од 20 см. и е мала, но доволно висока, а доколку сакате поголема тогаш додадете уште половина од состојките и спремете ја во модла 24 најмногу до 26 дијаметар.
- Овој рецепт е кога сакате да ги спремите домашни корите, а доколку не ви се пече како јас во случајот - чоколадните кори од Винчини се идеални, само со обарчот од модлата исечете три кори и сте завршиле работа.
- Доколку сакате да ја приготвите вака како што сум ја напишала - (корите се одлични дома спремани) најчесто да си ја скратам постапката целата смеса ја истурам во плекот од рерната и потоа вадам со обрчот корите, но исклучиво кога ја правам со дијаметар од 20 см. погоелми 3 кори не можам да извадам.
- Доколку сакате посјаен ганаш, слободно ставете 2 лажици слаткарска гликоза, но јас тоа не го правам.
- Многу напишано во објаснувањето, а фактички постапката не трае толку многу околу оваа торта.
И...
И на крај да кажам дека ова ми е првата пензионерска торта приготвена токму за тој повод. Послужена, консументите презадоволни, го бараа рецептот, но јас во мој стил - рецептот нека си го испечатат откако ќе биде овде објавен.