Посна Сарма (со праз и ориз)
Состојки
- 1 Кисела Зелка (поголема) или 2 помали
- 10-на страка Праз
- 1 шол (од 250 мл) Ориз
- по вкус Сол, црн бибер
- по потреба Црвен пипер
- по потреба Масло
- 3 шољи (од 250мл) Течност (вода 2 шољи плус 1 шол расолница)
Подготовка
Сармата од кисела зелка е зимско јадење, ова е рецепт за посна сарма која е идеална за слави и за секој ден.
- Празот убаво го чистиме, миеме и сецкаме. На загреано масло го пропржуваме ситно сецканиот праз додека да омекне, па го додаваме измиениот ориз и пржиме на средна температура додека оризот да застакли. Зачинуваме со сол, црн бибер, црвен пипер.
- На дното од садот во кој ќе се пече сармата ставаме ситно сецкана зелка од средишниот дел (или цели листови зелка), па врз неа се редат сармите. Зимаме помало ливче од зелката и го полниме со филот, завиткуваме како ролатче. Секоја завиткана сарма ја редиме една до друга во садот. Врз завитканите сарми ставаме црвен пипер и попрскуваме со масло. Сармите ги покриваме со листови зелка и на истиот начин продолжуваме со виткање на останатите сарми, кои ги редиме врз нив (доколку правите поголема количина). Се поклопуваат сармите со една чинија.
- Врз сармите ставаме една чаша расолница, и дополнуваме со топла вода. Покриваме со капак и ги ставаме во загреана рерна на 250 степени само додека да зоврие водата, па намалуваме на 150 степени (цело време покриено со капак).
- По желба ги запржуваме со загреано масло и црвен пипер, кој како си јаде, некој не сакаат запршка, сепак тоа е по вкус.
Забелешка - Соодносот на течност (расолница и вода) и ориз е 3 спрема 1, односно ако ставите 1 чаша ориз во филот, тогаш ја налеваме сармата со 3 чаши течност.
Совет - Колку повеќе ќе ставите праз, толку сармата е повкусна. Садот во кој ќе се пече е добро да биде повисок за да не претекува кога ќе зоврие.
Ако е посна сармата немојте да штедите на масло, и колку подолго се пече толку е повкусна. Нормално, температурата не треба да биде силна, туку умерена “да крчка на тивко”.
Кога ќе ги тргнете листовите, сармите под нив остануваат сочни, а никако препечени, а кога ќе ги извадите сармите цела течност ќе биде впиена, а ќе остане само вишокот масло.
Сармата може да се послужи топла и ладна, бидејќи е без месо.
На здравје!