Расолно месо во тенџере
Состојки
- 1 главица зелка од расол
- 700-800 гр свинско месо од пафлак или со коска
- 1 лажица свинска маст
- 1 лажица црвен пипер за готвење
- сол, црн бибер по желба
Подготовка
Ова јадење ми е дефинитивно најлесно за спремање. Најтежок ми е моментот кога треба да слезам во визба по расол. Сета подготовка трае 5 минути. Потоа самото си се готви.
Подготовка:
1. Зелката ја сечкам на парчиња, помали, поголеми сеедно, кога ќе се свари, ќе биде компактно.
2. Го подготвувам во тенџере од 5,5 литри. Ставам половина од зелката, па месото иссечкано на парчиња по желба, па уште половина од зелката. Една голема лажица црвен пипер и една голема лажица свинска маст. Дотурам расолница доволно за да си се вари, го зовривам еднаш на максимум, намалувам на минимум, поклопувам со капакот и го заборавам, со часови си крчка. Колку подолго, толку подобро, но најмалку 2 до 2 и пол часа.
3. Кога е варена зелката и лесно се кине со само еден допир со вилушката, тогаш расолното месо ни е готово. Го пробувам, ако случајно расолницата не била доволно солена или кисела дотурам сол или лимонтус, но најчесто не му е потребно ништо. Пред самиот крај му подготвувам една запршка со малку брашно и црвена пипер. Го служам врело, а со него си пиеме тешко домашно црвено вино вранец.