Испечати

Чоко-рум индијанки (на мој начин)

Чоко-рум индијанки (на мој начин)

Состојки

  • Фил
  • 600 мл Млеко
  • 2 Пудинг (чоколадо)
  • 125 гр Путер (на собна температура)
  • 150 гр Шеќер во прав
  • 1-2 м.л. Рум екстракт
  • Тесто
  • 4 Јајца (големина Л)
  • 150 гр Шеќер
  • 200 гр Брашно (просеано)
  • 1 Пециво

Подготовка

Верувам дека на повеќето од вас еден од омилените десерти им се индијанките, (секако и на нас), па затоа овојпат малку експириментирав на мој начин и одлучив да ги направам со чоколаден фил и арома на рум, вкус кој воодушевува. Затоа во пресрет на празниците на вашата празничната трпеза нека блеснат овие индијанки кои се превкусни, лесни и брзи за подготовка.

Најпрво се започнува со подготовката на филот.

1. Во сад на умерена температура го вариме пудингот на класичен начин со млеко, до негово згуснување. Откако ќе биде готов, го покриваме со стреч фолија, за да не ни фати кора. Оставаме потполно да се излади.
2. Потоа во друг сад ги миксираме путерот и шеќерот во прав. Тука го додаваме и изладениот пудинг - миксираме до хомогенизирање. На крај додаваме рум екстракт.

3. Потоа го подготвуваме тестото. Ги делиме белките од жолчките. Во длабок сад ги миксираме белките со постепено додавање на шеќерот до нивно згуснување. Потоа ги додаваме жолчките една по една, миксирајќи цело време. На крај постепено ги додаваме претходно соединети брашното со пецивото. Мешаме нежно со шпатула, со цел да не се изгуби воздушноста.

4. Оваа смеса ја ставаме во готварска вреќичка (или обично ќесе за замрзнување на кое му го одсекуваме врвот) и истискуваме од смесата во плех обложен со хартија за печење, оставајќи растојание помеѓу.

5. Печеме во загреана рерна на 200 степени до благо поруменување (околу 5-10 минути, зависи од тоа како пече вашата рерна). Битно е да останат светли. Со помош на готварски шприц ги полниме индијанките и ги лепиме една со друга. И одозгора ги декорираме со филот и им наросуваме чоколадни трошки.

*Забелешка - Ги оставаме во фрижидер (најдобро преку ноќ) и таму ги чуваме цело време, па потоа ги дегустираме.

На здравје!