Chili con carne, Чили кон карне
Состојки
- 1 главица кромид
- 1 или 2 поголеми чили пиперки
- 1/2 морков
- По желба и 2 чешниња лук
- 350-400гр мелено месо
- Масло
- 2лажици доматно пире
- 200мл доматен сос
- 200мл бујон или вода
- сол, бибер,коријандер во прав, цимет, кумин, чили пиперка во прав
- 150 гр сварен грав или мала лименка готов, црвен грав
- прилог њоки, басмати ориз....
Подготовка
Чили кон карне, значи „чили со месо“, и е зачинета чорба што содржи чили пиперки, месо, домати и често пинто грав или обичен грав. Други зачини кои се вклучуваат се лук, кромид, кумин, цимет... . Јадењето потекнува од северно Мексико или јужен Тексас.
Ова е мој начин на подготовка во мојата кујна, по наш вкус.
На загреано масло го запржуваме ситно сецканиот кромид и ситно сецканата чили пиперка, малку додадов и морков.
Потоа го додаваме меленото месо.
Пржиме и убаво со вилушка го растресуваме месото.
Сега додаваме доматен сос , доматно пире , сол, бибер, коријандер во прав, цимет, кумин, чили пиперка во прав...
Промешуваме, додаваме бујон.
Крчкаме на многу тивок оган околу 1 час.
Пробуваме на вкус, па додаваме некој зачин ако има потреба, без да доминира некој посебно, туку сите да се како една композиција.
Сега се додава исцедениот грав, јас користев бел грав кој претходно го сварив, иако генерално се користи црвен грав.
Промешуваме и крчкаме уште 1 час.
Ние сакавме посуво јадење, што и не е задолжително.
Може да се остави со повеќе сос.
На крај се додава ситно сецкан магдонос или свеж коријандер
Се служи со сварени њоки, прелиени со растопен путер, басмати ориз...
Едноставно, превкусно, несекојдневно јадење беше нашиот денешен ручек.