Испечати

Афионово око

Афионово око

Состојки

  • 250гр брашно
  • 100гр кафен шеќер
  • 100гр афион
  • 130гр путер
  • 1/2лажиче цимет
  • 1/5лажиче сол прстофат
  • 2 жолчки
  • 10капки цитрон арома (или едно мало шишенце аома од лимон )
  • 2 лажици слатка павлака
  • 1 паковка,8 грама тонка шеќер со ванила
  • За лепење
  • 1/2тегличка мармалад ( кајсии, јагоди, портокал )
  • 1/2тегличка нутела

Подготовка

Пред да почнам да објаснувам за овие преубави колачи, морам да кажам дека оргиналното име им е Mohnblumen . Јас ги прекрстив затоа што не ги правев со калап на цвет, ги спремав со круг модла, па ми наликуваа на очи. Решив да ги наречам афионово око. Колачите ги спремам прв пат, но ветувам дека ги одомаќинувам во нашиов дом. Вкусот е нешто што реално не сум го пробала во другите колачи.
Имаат нешто посебно во нив.

Подоготовка:
1. Во сад ги мешаме сувите состојки, а потоа додаваме слатка павлака и жолчките. Месиме убаво меко тесто па го расукуваме на работната маса. Тавите ги постиламе со хартија за печење.
2. Со калап ги вадиме круговите и прстените кои ќе одат за преклопување на колачите (видете ги сликите подолу) Редиме на хартијата за печење. Веднаш печеме во загреана рерна. Не ги оставајте многу да жолтеат.
3. Штом се запекуваат вадете од рерна и оставете да одморат, да изладат и да се стегнат убаво.
Јас, како што опишав на почетокот, немав модла во вид на цвет со која можам и внатрешниот дел да го исечкам и да ги добијам оригиналните колачи, па затоа решив да ги изработам со круг модла.
Сепак задоволна сум многу.
4. Готови се, сега треба да ги лепиме. Јас искористив и мармалад и нутела. Сакав да ги задоволам сите вкусови дома. Имав преубав мармалад од портокал,кој го купив лани од Ментон, град во Франција кој е познат по производство на разни продукти од портокали и лимони. Затоа што во колачите имаше арома на цитрон, решив неколку од колачите да ги залепам со овој мармалад. Не згрешив, преубав вкус даде.
5. Неколку од колачите ги залепив со мармалад од јагода, а останатите со нутела крем. Е сега и за лепењето да пишам збор два. Според мене, кој сака крцкави колачи нека употреби нутела.
Таа не се растопува и не ги навлажнува многу колачите при лепењето, па остануваат цврсти и крцкавки. Ако ставите мармалад, колачите се топат во уста. Ете ова нека биде како забелешка.
Пробајте ги, јас ви ветувам дека нема да згрешите.
На здравје.