Испечати

Мрзливи мантии со праз (од готови кори)

Мрзливи мантии со праз (од готови кори)

Состојки

  • 400 гр Готови кори
  • 3-4 страка Праз
  • Смеса за премачкување на корите
  • пола коцка (20гр) Квасец
  • 200 мл Млеко
  • 200 мл Јогурт
  • 100 гр (околу 5 г.л.) Брашно
  • 1/2 м.л. Сол
  • 65 мл Масло

Подготовка

Едноставно, вкусно јадење, направено малку поразлично од вообичаениот метод на припрема, а бидејќи изгледот многу ме потсетуваше на класичните мантии, со постапката која е побрза и полесна, ги нареков Мрзливи мантии. Мантиите се традиционално јадење, впрочем тоа е пита најчесто направена со фил од мелено месо и секако од тегнети кори. Тоа се мали свиткани парчиња пити, кои се редат едно до друго. Јас овојпат се одлучив за една модификација, односно како фил употребив праз, а наместо тегнети кори употребив готови кори.

Подготовка

1. Најпрво се подготвува празот, односно го пржиме во тава со масло, загреано на умерена температура до негово омекнување (посолуваме по вкус и додаваме црн бибер). Нека олади.
2. Сега ја спремаме смесата за премачкување на корите. Во длабок сад го ставаме квасецот, ги додаваме млекото и јогуртот, мешаме убаво се додека да се растопи квасецот. Ги додаваме останатите наведени состојки, мешаме со рачна маталка до хомогенизирање.
3. Потоа корите ги сечеме на 4 еднакви делови (видете дополнителни слики). Исечените делови ги редиме едни врз други и почнуваме со правењето на мантиите. Секоја мантија се прави од 2 исечени парчиња од корите. Јас имав 13 кори, од кои направив 26 парчиња мантии. Се реди едно парче кора, убаво се премачкува со смесата, врз него ставаме друго парче кора, и тоа го премачкуваме со смесата со помош на силиконска четка. Во средината ставаме 1 г.л. праз, и ја завиткуваме мантијата, почнувајќи од едниот ќош кој го преклопуваме врз празот (и врз него премачкуваме од смесата за премаз), потоа го преклопуваме врз него спротивниот ќош, пак премачкуваме, па останатите два ќоша (исто и нив ги премачкуваме). Овака формираната мантија (ја премачкуваме и од долната страна) внимателно ја завиткуваме и ја редиме во тавчето (премачкано со масло). Постапката е иста со останатите парчиња кори.
4. На крај сите мантии ги премачкуваме со смесата за премаз и одозгора ги прскаме малку со масло. Тавчето го ставаме во рерна и сега уклучуваме на 180 степени. Печеме до заруменување.

*Забелешка - Јас користев тавче број 30 за оваа количина на кори. Доколку користите кори од 500 гр, во зависност од бројот на кори, малку зголемете ги состојките за премаз и филот. По вкус откога ќе се испечат премачкајте ги со пасиран или сечкан лук (2-3 чешниња) измешан со 200 мл кисело млеко или погуст јогурт, па пак на кратко ги враќаме во рерната.

На здравје!