Домашен бурек со урда (од готови кори)
Состојки
- 500 гр Кори (потенки)
- Смеса за премачкување
- 170 мл Масло
- 400 мл Кисела Вода
- 2 м.л. Пециво
- 60 гр (2 г.л. полни) Брашно
- 1 м.л. Сол
- Плус Урда - 300 гр
Подготовка
Ако сакате да ги изненадите вашите најмили со превкусен топол појадок, со чаша јогурт, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас, а филот може да го изберете по ваш вкус и желба.
Подготовка
1. Најпрво се подготвува смесата за премачкување. Наведените состојки се соединуваат во длабок сад, промешуваме со лажица или рачна маталка.
2. Потоа ги подготвуваме корите. Јас најчесто користам Кумановски кори, но во случајов не можев да ги најдам, па користев Скалинада Кори. Како и да е, подобро е според мене корите да се потенки. Ги броиме колку се вкупно, од нив тргаме 3 за првиот слој, тргаме 2 за на крај, а останатите ги делиме на 3 дела. Кај мене имаше вкупно 20 кори (3 - за доле, 2 - за крај, и имав уште 15 кори кои ги поделив на 3 места по 5 кори).
3. Во намрсено тавче (број 26) ги ставаме 3-те кори (претходно премачкани со смесата за премачкување) со краевите да им висат надвор од плехот.
4. Потоа продолжуваме со редење на корите (оние 15 поделени на 3 места по 5 кори). Секоја кора ја згужвуваме и ја ставаме во садот со смесата за премачкување, ја цедиме (без стискање) и ја редиме како купче во плехот, до неа ги редиме и останатите 4 кори како купчиња. Врз нив ставаме 1/3 од урдата. Пак постапуваме на истиот начин со наредните 5 кори, и врз нив ја ставаме наредната 1/3 од урдата.
5. Продолжуваме со редење на последните 5 кори (исто згужвани и потопени во течноста), па наредени една до друга. Врз нив ја ставаме останатата урда. Сега ги превиткуваме врз бурекот краевите што висеа од првите 3 кори. Па врз нив ги ставаме 2-те кори што ги тргнавме настрана за на крај. И нив откако ќе ги ставиме врз бурекот, убаво ги премачкуваме со смесата и краевите им ги свиткуваме навнатре. Готовиот бурек го буцкаме на повеќе места со стапче за ражничиња (или вилушка). Со останатата смеса премачкуваме одозгора.
6. Рерната сега ја уклучуваме да се загрее на 180 степени, па откако ќе ја достигне температурата, го ставаме бурекот да се пече до заруменување. Печениот бурек нека олади малку, па го сечеме.
*Забелешка - Количините на состојките за прелив во случајов се наведени за корите кои јас ги употребив. Во зависност од корите кои ќе ги користите (колку се на број, потенки, подебели) може таа количина да варира, па затоа направете од таа смеса за премачкување количина според вас, со сразмерни состојки од наведените, па ако се потроши смесата додадете пак сразмерно од состојките.
Јас урда ставив на 3 реда, но може и на 2 реда да ставите, по желба.
На здравје!