Испечати

Желе - Мармалад од Грозје (готово за 10 минути)

Желе - Мармалад од Грозје (готово за 10 минути)

Состојки

  • 750 мл Сок од грозје
  • 400 гр Шеќер
  • 1 ќесичка (25 гр) Џемфикс екстра 2:1

Подготовка

Најбрз начин за мене да направам желе или џем е со користење на џемфикс, со што заштедуваме и време и струја, бидејќи готвењето е буквално максимум 10 минути. Желе - Мармалад се прави од овошен сок, шеќер и смеса за желирање. Разликата помеѓу желе-мармалад и мармалад (или џем) е единствено во тоа што за желе користиме овошен сок, а за џем користиме овошје кое е исецкано или е во форма на пире.

Подготовка

-Зрната грозје убаво ги миеме, па ги блендираме. Доколку немате блендер, може да ги ставите во тенџере, па да ги изгмечите со лажица за пире. Потоа добиената смеса ја процедуваме прво преку појадра цедалка, па преку газа, да добиеме бистар сок.
- Сокот од грозје го ставаме во тенџере. Од вкупната количина на шеќер одвојуваме 2 г.л. и ги соединуваме со содржината од ќесичката Џемфикс, оваа смеса ја додаваме кај сокот од грозје, промешуваме и тенџерето го ставаме на силен оган додека да проврие течноста (притоа непрекинато мешаме).
- Кога течноста ќе зоврие, веднаш ја додаваме останатата количина на шеќер. Непрекинато мешаме само пола минута, односно додека да се растопи шеќерот.
- Во овој момент смесата е во течна состојба, желирањето настанува во теглите по некое време, откако ќе излади.
- Го тргаме садот од оганот и мешаме уште 1 минута (ако има пена, ја тргаме).
- Подготвените тегли (претходно убаво измиени и стерилизирани) ги полниме до врв, убаво ги затвораме со капачки и веднаш ги вртиме наопаку. Така ги оставаме 5 минути. Потоа ги оставаме да оладат потполно на собна тепература.
- Ова желе намачкано врз лепче со путер е идеален додаток за со вашиот попладневен чај.

Забелешка - Јас употребив околу 1,1 - 1,2 кг грозје (мерени само зрната) за да добијам 750 мл сок од грозје.

На здравје!