Испечати

За секого по нешто, мој 2000 јубилеен рецепт

За секого по нешто, мој 2000 јубилеен рецепт

Состојки

  • 1 рецепт Сладолед торта со кукис, вишни, малини и нутела
  • 500гр прашак за шлаг пена
  • 500мл кисела вода
  • 150гр кукис колачи или плазма бисквити
  • 150гр вишни, јас користев кандирани вишни
  • 2 полни лажици нутела
  • Сос од малини
  • 200гр малини
  • 2,3лажици шеќер
  • 60мл вода
  • 1 полно лажиче желатин
  • 2лажици вода
  • 2 рецепт Чоколадни тарталети со крем од ванила и маскарпоне и желе од малини
  • тесто
  • 140гр брашно
  • 40гр мелен орев
  • 100гр ладен путер
  • 40гр шеќер
  • 20гр какао
  • некое зрно сол
  • Малку ванила екстракт
  • 1,2 лажици млеко
  • 50гр растопено чоколадо за премачкување
  • Сос од малини
  • 200гр малини
  • 1,2 лажици шеќер
  • 50мл вода
  • 1лажиче желатин
  • 2лажици вода
  • Фил
  • 1 пудинг од ванила
  • 320мл млеко
  • 2,3 лажици шеќер
  • 20гр путер
  • 125гр маскарпоне
  • За декорација
  • Шумско овошје, ливчиња маточина
  • 3 рецепт Солени тарталети полнети со царско месо и крем сир
  • тесто
  • 200гр брашно
  • 100гр путер
  • 1лажиче оригано
  • 1/2лажиче сол
  • 1 жолчка
  • 2,3лажици ладно млеко
  • Полнење
  • 100гр царско месо, чадено
  • 125гр крем сир
  • За декорација
  • Шери домати, маслинки,карамелизирано лутиче, сусам, ливчиња босилек
  • 4 рецепт Мали, солени тарталети полнети со царско месо и зелен намаз
  • Користено е од истото тесто како за големите тарталети.
  • полнење
  • 150гр грашок
  • 1,2 брикети спанаќ
  • 1 резанче кромид
  • 1 варено јајце
  • 1лажиче сок од лимон
  • 1лажица мајонез
  • 1лажица маслиново масло
  • 1лажиче крем сир
  • Сол, бибер
  • 50гр царско месо, чадено
  • За декорација чурек, капари, парченце црвен домат
  • 5 рецепт Мини ќофтенца со сува брусница, босилек и машничка
  • 200гр мелено мешано месо
  • 1/2 мала главичка кромид,
  • 1 полна рака магдонос
  • 1/2 изматено јајце
  • 30,40гр сецкана сува брусница.
  • сол и бибер
  • Ливчиња свеж босилек
  • Машнички, 15-20, сварени според упатството.
  • 2 торта Торта чоко-јагода
  • основа бисквит
  • 1 јајце
  • 50гр шеќер
  • 50мл јогурт
  • 50гр брашно
  • 35мл масло
  • 8гр какао
  • 4гр пециво
  • фил
  • 100гр млечно чоколадо
  • 200гр чоколадо за готвење
  • 400мл слатка павлака
  • 250гр сирење маскарпоне
  • потребно е околу 500 гр јагоди

Подготовка

Драги пријатели, драги Мои рецепти, подржувачи на мојата кујна.
Еве стигнав до голем јубилеј од објавени 2000 рецепти. Во нив, сите вие препознавте дека е вложено многу труд, љубов , време за нивна подготовка и презентација. Сите вие, бевте мој мотив да ги споделам моите рецепти на оваа страна и за тоа сум ви неизмерно благодарна. Кога размислував за името на рецептов, помислив дека најдобро ќе биде да носи наслов - За секого по нешто, со цел на сите Вас, поединечно да ви се заблагодарам за подршката, за мотивацијата која ја имав од сите вас овие изминати 9 години, на оваа прекрасна страна Мои рецепти.
Сметам дека оставив голем печат тука, дека направив се, што можев за да опстани и го подобри својот квалитет и сјај оваа страна. До денес тагувам по моите изгубени 900 рецепти, од кои тимот успеа да врати 210, Се надевам дека со нивна помош ќе успееме да вратиме барем уште половина од изгубените рецепти.Тоа ви го должам Вас, мои пријатели.
За овој мој јубилеј подготвив неколку рецепти, па еве ја нивната подготовка, споделена со слики, текст, љубов.
Дополнително со текст и фотографии, ќе ја напишам и втората торта , која не е на носечката , главна слика.

Прв рецепт - Сладолед торта со кукис, вишни, малини и нутела

Брза, летна торта, која и не бара многу време за подготовка. Плени со својот изглед и вкус.

1. Во вангличка се ставаат прашокот за шлаг пена и кисела вода. Се мати до згуснување со миксер.

2.Смесата се дели на три дела. Во првиот дел се ставаат мелените кукис колачиња. Се соединува убаво. Калап бр 20 се користи. На дното се става првиот слој. Се израмнува.

3. Во вториот дел на шлаг пената се додаваат кандирани вишни и убаво се соединува. Оваа смеса се нанесува врз првиот дел.
4. Во третиот дел од шлаг пената се додава нутелата и убаво се соединува. Ова се нанесува врз вториот слој на тортата. Се израмнува и се остава тортата во фрижидер да се излади 2,3 часа.
5. Потоа се нанесува подготвениот прелив од малини. Во тенџере се ставаат малините, водата и шеќерот. Од кога ќе почне да врие, нека вари 4,5 минути. Во чашка се става желатинот со вода да набабри. Сега низ цедалка убаво се притискаат малиние, се процедуваат. Нека излези цела пулпа, нека останат само семките. Во жешкиот малинест сос се додава желатинот и се промешува, за да се растопи. Нека подизлади, па се нанесува подготвениот прелив од малини во калапот.
6. Потоа тортата се чува во замрзнувач до употреба. Се декорира по сопствена желба. Многу лесно се сечи. Може да се послужи со топка сладолед.

Втор рецепт - Чоколадни тарталети со крем од ванила и маскарпоне и желе од малини

1. Истријте го брашното со какао, оревите и путерот во трошки. Додадете шеќер, екстракт од ванила и малку сол и замесете кратко, за да добиете еднолично тесто.
2. Ако има потреба додадете 1,2 лажици млеко. Обликувајте топка, малку израмнете, завиткајте во фолија, ставете во фрижидер најмалку половина час. Работете брзо со тестото и обидете се да го загреете што помалку со раце, путерот не смее да се стопи додека работите.
3. Расукајте го тестото со дебелина од 4 мм и исечете кругови. Ставете го тестото во калапите, измазнете го и исечете го вишокот тесто. Со вилушка избоцкајте го дното и оставете да се излади половина час. Потоа печете ги на 180°C, ќе бидат готови за околу 15 минути. Оставете ги потполно да се изладат.
4. Сега дното и страните премачкајте ги со растопено црно чоколадо. Оставете убаво да се стегни.
Чоколадото ќе биде како изолација, со цел тарталерите не ја изгубат својата крцкавост на тестото, која е задолжителна. Сега се подготвува сосот од малини.
5. Во тенџере се ставаат малините, шеќерот и вода. Од кога ќе зоврие нека вари 3,4 минути. Во меѓувреме се ставаат желатинот и водата во чаша. Сосот од малини го процедуваме низ цедалка, убаво со лажица го триеме, да останат во цедалката само семките . Тука го додаваме набабрениот желатин.
Промешуваме да се растопи. Нека се излади скоро целосно, па ставаме по 2 лажици одприлика во секое тарталетче. Оставаме на ладно да се стегни.
6. Сега го подготвуваме кремот. Во тенџере ставаме млеко, пудинг, шеќерот. Промешуваме да нема грутчиња и вариме на тивок оган до згуснување со постојано мешање. Одма ја додаваме коцката путер.
Соединуваме, покриваме со прозирна фолија и оставаме да се излади. Со помош на миксер, на најслаба брзина ги соединуваме изладениот пудинг и маскарпонето. Ги полниме со крем, со помош на шприц. Ги декорираме со шумско овошје и ливчиња маточина.
Сервираме.

Трет рецепт - Солени тарталети полнети со царско месо и крем сир

1. Просејте го брашното, посолете, додајте оригано, ладен путер, исечкајте го и со прстите измесете го, да добиете трошки. Додадете ја жолчката, малку млеко, не цело оддеднаш, и сè убаво измесете да добиете мазно тесто. Завиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер околу 30 минути.
2. Потоа од тестото расучете кора, дебела 3,4мм. Сечете парчиња, обложете ги со тесто калапчињата за тарталети, а вишокот тесто отстранете го. Јас користев мали и големи калапчиња и ги полнев различно.
На дното боцнете ги со нож или вилушка, за да не се крени тестото во печењето.
3. Печете ги на 180,околу 15 минути во загреана релна. Краевите треба само благо да заруменат. Оставете ги во калапите 15 минути да се изладат. Потоа внимателно извадете ги од калапчињата, само преврте ги на дланката, значи многу лесно се вадат. Наредете ги на послужавник.
4. Сега се подготвува нивното полнење. На многу малку масло го запржуваме царското месо кое е исечено на мали коцки. Од кога е готово го ставаме на хартиена салфета да се упие вишокот на маснотија. Сега на дното ставаме по полно лажиче од него. Не смее да се нанесе одма крем сир, бидејќи тестото ќе омекни и нема да биде крцкаво. Ова му доаѓа како изолација.
5. Сега го нанесуваме крем сирот со помош на шприц. Во него може да се додаде некој зачин по сопствен вкус. Декорираме со парченца шери домати, маслинки,карамелизирано лутиче, сусам, ливчиња босилек. Лутичето го карамелизирав со балсамико оцет во апарат за готвење со топол воздух, а може и во рерна. Ги оставаме на ладно .

Четврти рецепт - Мали, солени тарталети полнети со царско месо и зелен намаз

1. На некоја капка го запржуваме резнето кромид, го додаваме и грашкот. Налеваме вода и оставаме да се вари. До колку користите готов од конзерва нема потреба да се вари. Пред крај го додавме и спанаќот. Од кога ќе испари течноста оставаме да се излади.
2. Во нутрибулет или процесор ги ставаме сите состојки. Пулсираме во неколку наврати, да добиеме крем.
3. На дното на секое мало тарталетче ставаме исто запржено царското месо кое е исечено на мали коцки. Сега наесуваме од зелениот крем со помош на шприц. Декорираме со чурек, парченце црвен домат, капари.

Петти рецепт - Мини ќофтенца со сува брусница, босилек и машничка

1. Во еден сад ги ставме сите состојки за ќофтенцата, убаво ги месиме со рака и оставаме во фрижидер 1 час.
2. Потоа формираме мали ќофтенца кои ги пржиме на малку масло. Ги оставаме на хартиени салфети.
Сега на стапче за канапеи ставаме машничка, па ливче босилек, па ќовтенце. Спремни се за сервирање
3. Дополнително користев домашен, доматен сос со босилек, за надоплнување на нивниот уникатен вкус, по желба на консументите.

Дополнително
Сино сирење+ кандирани цреши
Биено сирење, сечено на триаголници
Мешан кашкавал со зачински тревки, сечен на стапчиња
Цветчиња од босилек и чајни кругови

Шести рецепт - Торта чоко-јагода

Едноставната и брза торта за подготовка, а убавиот изглед и вкус е доволна причина да ја пробате и оваа торта.

1. Најпрво подгответе го ганашот за чоколадниот фил. Чоколадото искршете го во соодветна сад и прелијте го со 3 дл слатка павлака. Загрејте на тивок оган, додека не се стопи целото чоколадо со постојано мешање. Тргнете го од оган и оставете го на страна додека го подготвувате бисквитот...
2. Бисквит: Подгответе тркалезен калап со дијаметар од 20 см, подмачкајте го дното и обложете го со хартија за печење. Загрејте ја рерната на 180°C. Одделете ја белката од жолчката и прво измешајте ја белката со прстофат сол, а потоа измешајте ја жолчката со шеќер додека не обели. Во таа смеса додадете јогурт и масло и измешајте. Додадете ги просеаните состојки во прав, измешајте. На крајот додадете ја изматената белка и рачно со шпатула соединете ја, нежно вртејќи ја смесата од дното нагоре. Печете го бисквитот во загреана рерна 15 минути. Сепак проверете со чепкалка.

3. Продолжување на чоколадниот фил. Маскарпонето префрлете го во пластичен сад и додајте 1 дл слатка павлака и кратко измешајте, па во смесата додајте го изладениот крем од ганаш и нежно соединете сè рачно мешајќи со шпатула. Намачкајте го прстенот за торта и обложете го со хартија за печење...наредете по следниот редослед: бисквит; на пандишпанот по работ, наредете ги јагодите исечени на половина, па ставете дел од чоколадниот крем и пополнете го просторот помеѓу јагодите и премачкајте го на пандишпанот.
4. Сега ставете цели јагоди преку филот и на крај премачкајте ги со остатокот од чоколадниот фил врз јагодите и измазнете го. Оладете ја тортата неколку часа во фрижидер пред да ја послужите. Останатите јагоди искористете ги за декорација.