Роловани модри домати
Состојки
- 3 поголеми модри домати
- 300 гр чаден врат сечкан на средно дебели парчиња
- 300 гр кашкавал сечкан на средно дебели парчиња
- 250 гр чадена сланина сечкана на потанки парчиња
- по желба сечкани шампињони
Подготовка
Модрите домати ги сакам на 1001 начин. Ова ми е еден од омилените.
Подготовка:
1. Модрите домати ги лупиме, ги сечеме по должина и ги ставаме во солена вода да постојат околу 10-15 минути. Убаво ги цедиме на кујнска крпа. Ги пропржуваме по една минута секое парче поединечно за да омекне. Ги оставаме на хартија да се впие вишокот мрснотија. Ги земаме еден по еден. По желба ги посолуваме и зачинуваме со бибер.
2. Врз секое парче модар домат ставаме парче врат, парче кашкавал, сечкани шампињони и го завиткуваме во ролна. Озгора ролатчето го обвиткуваме убаво со тенко иссечена чадена сланина. Мене дури и премногу тенко ми ја пресекоа, па ставав и по две три парчиња.
3. Се редат сите ролатчиња во земјена тава. Краевите на доматот што се премали за роловање ги сечкаме, ги пропржуваме со остатокот од шампињоните (мене ми останаа) и ги додаваме во празнините меѓу ролатите. Не се дотура ни масло, ни вода. Пржените домати се толку полни со мрснотија што им е доволно.
4. Се покрива тавата со алуминиумска фолија и се пече на 200 степени најмалку еден час. Пред вадење, се отстранува фолијата, се засилува рерната на максимум и се остава да се потпече и промириса сланината.
Овој рецепт ми беше објавен во загубените, неодамна ги правев пак и се одлучив уште еднаш да го споделам.