Домашни хамбургери
Состојки
- 200 мл млако млеко
- 30 гр. свеж квасец
- 1 гол. лажица шеќер
- 2 гол. лажици бело брашно
- 2 јајца
- 100 мл млака вода
- 150 гр. путер
- 600 гр. бело брашно тип-400
- 1 и пол. лажица сол
- По желба сусам
- 1 кг. мелено месо
- 2 главици кромид
- 1 јајце
- 30-50 гр. лебни трошки
- 2 домати
- По вкус зачини сол, црн бибер, буковец, мешан сув зачин, магдонос
Подготовка
Со задоволство го споделувам со Вас рецептот за највкусните хамбургери кои се омилени на моето семејство и се надевам дека и Вие ќе уживате во овој оброк заедно со Вашите најмили.
Подготовка на бургер лепчиња
1. Во млако млеко ставаме 30гр свеж квасец, една лажица шеќер и две лажици брашно. Оставаме квасецот да надојде.
2. Во сад за месење матиме едно јајце, додаваме растопен путер, млака вода, надојдениот квасец, брашно и сол. Замесуваме меко тесто и го оставаме 30 минути да надојде.
3. Тестото го премесуваме и го делиме на 9 парчиња од по 120гр отприлика
и ги обликуваме во топчиња, ги мачкаме со масло, ги редиме во плех на хартија за печење и потоа оставаме да одморат уште 1 час покриени со стреч фолија.
4. Лепчињата ги мачкаме со смеса од едно матено јајце и една лажица млеко. По желба наросуваме сусам.
5. Печеме во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Ги вадиме од рерна, ги покриваме со крпа и оставаме да се оладат 10 минути.
СОВЕТ- При печење ставете мала тепсија или чашка со вода најдолу во рерната така лепчињата ќе бидат и повеќе од совршени.
Подготовка на плескавици
1. Во длабок сад ставаме мелено месо, една главица ситно сецкан кромид, едно јајце, лебни трошки, сецкан магдонос и зачини. Замесуваме.
2. Од смесата обликуваме плескавици и ги набрашнуваме. А потоа ги пржиме. Доколку плескавиците ги печете на скара или во рерна нема потреба од брашно.
Подготовка на хамбургери
1. Лепчињата ги сечеме на половина.
2. Ставаме плескавица, кисели краставички, домат и кромид сечени на кругчиња и буковец.
3. Идеално со хамбургерите е да послужите и пржени компири.
Очекувам да ги споделите Вашите импресии откако ќе ги подготвите овие вкусни хамбургери.