Испечати

Печен свински бут во маринада од пиво и сенф со гарнир од компири

Печен свински бут во маринада од пиво и сенф со гарнир од компири

Состојки

  • 1 поголемо парче свинско месо
  • 1 лименка пиво
  • 3-4 лажици сенф
  • малку маслиново масло
  • по вкус сол, бибер, рузмарин и останати зачини по желба (ловоров лист, босилек, оригано и сл.)
  • по потреба компири

Подготовка

Рецептов беше инспириран од повеќе рецепти ама склопен на мој начин...
На крајот не само гостите, туку и јас бев изненадена од резултатот – мевцето се топеше во уста, а вкусот богат,неодолив, прекрасен... а (пре)вкусните компирчиња одлично се вклопија и само ја надополнија и збогатија оваа убавина.

Подготовката ни малку не е тешка само е малку долготрајна.

1. Месото го ставаме во длабок сад во кој што планираме да го печеме. Зависно од големината на парчето кое го печете, ќе ги дозирате сите состојки по ваше. Јас ставив една голема лименка пиво и ми беше доволно за негде до половина во висина да го покрие месото. Одозгора, страната која не беше прекриена со пиво, ја намачкав со убав слој сенф, врз кој наросив крупно мелен бибер (јас користам шарени зрна, црн, бел, црвен, зелен, но може и само црн...како вам ви одговара) и ливчиња свеж рузмарин и на крај прелеав со малку маслиново масло.

2. Вака припремено месото ставете го во фрижидер преку ноќ да отстои. Следниот ден печете на околу 180-200 степени околу 3-4 часа. Јас прв пат го завртев на околу 40-45 минути откако го ставив во рерна, а потоа на секои 20-30 минути го превртував и го боцкав со вилушка за да видам кога ќе омекне. Некаде на 40-тина минути пред да го извадам од рерна ги додадов компирите крупно сечени директно од страните каде сè уште имаше од течноста (мешавина од пивото и соковите кои си ги пушти самото месо при печењето). Нив воопшто не ги вртев/мешав.

3. На крај ми остана сосем малку течност која ја употребивме како сос, месото имаше убава коричка и боја одозгора, а внатре беше меко и сочно. Компирите имаа добиено прекрасен шмек од сосот во кој се готвеа и убава коричка од надвор.

Сè на сè, без многу мака добивме вистински прекрасен ручек.

Добар апетит!

 

*Забелешка - Јас за печење месо користам тава пекач со капак, па така и овој пат во неа го печев. Доколку немате таква тава, одберете ја најдлабоката тава која ја имате и ставете фолија одозгора. Сигурно ќе биде успешно и на овој начин, но бидејќи повеќе пати треба да се врти месото ќе ви биде малку понезгодно со фолија отколку со капак, а дополнително, пекачот ја олеснува работата зашто месото се пече и од горната страна додека е затворено.