Сочен колач со чоколадо и цреши
Состојки
- За пандишпан
- 2 Јајца
- 100 гр Шеќер
- 1 Ванила
- 60 мл Масло
- 110 гр Кисело млеко
- 150 гр Брашно
- пола Пециво
- Плус - 150 гр Цреши и 1 г.л. Гриз
- Плус - 50 гр Чоколадо за готвење (сецкано на коцкички)
Подготовка
Направете брз, едноставен и летен колач и уживајте во префинетиот вкус на цреши со чоколадо.
Подготовка
1. Прво го сецкаме чоколадото на мали коцкички.
2. Сега во длабок сад за матење ги миксираме 2-те белки со постепено додавање на шеќерот и ванилата до нивно згуснување. Ги додаваме 2-те жолчки, миксираме.
3. Сега ги додаваме маслото и киселото млеко, соединуваме. И на крај ги додаваме брашното претходно соединето со пецивото, овојпат убаво соединуваме со шпатула за да нема грутчиња. Оваа смеса се дели на 2 дела.
4. Во калапот премачкан со маргарин или путер (кај мене со димензии околу 20х10цм) ја ставаме половината од смесата за пандишпан, соединета со половина од црешите, кои ги миеме и им ги вадиме семките, па ги сечеме на половина и им додаваме 1 г.л. гриз, па промешуваме. Сега го ставаме чоколадото рамномерно насекаде, па врз него ја ставаме останатата половина од смесата за пандишпан. Најзгора ги ставаме останатите цреши, кои со лажица нежно ги притискаме малку под површината на смесата за пандишпан (видете дополнителни слики).
5. Печеме во загреана рерна на 180 степени, па кога ќе почне да добива боја колачот, намалуваме на 150 степени. Проверуваме со чачкалица кога е испечен колачот. Печениот колач нека олади, па сечеме на парчиња.
*Забелешка - Мене овој калап ми е помал, па затоа правев со наведените количини на состојките, но доколку се одлучите за поголем калап, тавче или куглоф, тогаш дуплирајте ги сите наведени состојки. По вкус одозгора наросете шеќер во прав, иако според мене нема потреба, доволно е благ колачот.
На здравје!