Господарска пита
Состојки
- За палачинките (9 бр)
- 125 гр Интегрално брашно
- 40 гр Пченично брашно
- пола м.л. Сол
- пола м.л. Пециво
- 1 Јајце
- 25 мл Масло
- 150 мл Млеко
- 150 мл Вода
- Смеса за премачкување на палачинките
- 2 Јајца
- 150 гр Сирење
- 100 гр Кисела Павлака
- Плус 1 Јајце
- За пржење на палачинките - Малку масло
- За посипување - Сусам (црн и бел)
Подготовка
Оваа Господарска Пита ја правам првпат по препорака на една моја пријателка, но не и последен пат. Едноставна е за припрема, а превкусна за јадење, и можам само да ви препорачам да ја направите и вие, едноставно е фантастична.
Подготовка
1. Најпрво ја припремаме смесата за палачинките. Во длабок сад ги ставаме интегралното брашно, пченичното брашно, солта и пецивото - промешуваме. Сега ги додаваме јајцето, маслото и на крај млекото и водата. Миксираме до добивање на хомогена смеса со конзистенција малку потечна од смесата за класични палачинки.
2. Од оваа смеса во малку намрсено нелепливо тавче на умерена температура ги пржиме палачинките на вообичаен начин. Палачинките ги редиме една врз друга во чинија, потоа ги завиткуваме во најлонско ќесе, убаво да омекнат. Јас од оваа смеса добив 9 палачинки.
3. Сега ја припремаме смесата за премачкување на палачинките. Сирењето го дробиме во длабок сад, ги додаваме јајцата и посолуваме. Со вилушка разматуваме добро. На крај ја додаваме павлаката, соединуваме добро.
4. Сега секоја палачинка ја премачкуваме со околу 2 големи лажици од смесата (видете дополнителни слики) и завиткуваме. Сите палачинки ги филуваме на истиот начин и ги редиме во соодветно тавче (премачкано со маргарин) позбиени една до друга. На преостанатата смеса за премачкување додаваме уште 1 јајце, соединуваме убаво и оваа смеса ја истураме врз сите палачинки одозгора. Наросуваме сусам (јас ставив бел и црн).
5. Печеме во загреана рерна на 220 степени до заруменување (јас печев околу 20-на минути). Печената пита нека олади кратко, па сечеме на парчиња.
На здравје!