Домашни Шпагети
Состојки
- 1 Јајце (големина Л)
- 100 гр Брашно (просеано)
- прстофат Сол
Подготовка
Ако сте љубители на тестенини, било тоа шпагети, јуфки и слично, тогаш мора да пробате сами да ги направите. Задоволството е неизмерно, особено кога знаете што точно сте ставиле. За приготвување на тестото за свежи тестенини потребно е само брашно, јајца и сол, а подготовката е лесна и брза.
Подготовка
1. Тестото за било кои од овие свежи тестенини, Италијанците го приготвуваат само од брашно, јајца и сол. Во принцип, за една порција како во случајов, на 100 г брашно доаѓа 1 јајце и малку сол. Од јајцето, брашното и солта се замесува малку тврдо тесто. Овој дел е полесен со робот миксер, иако и рачно не е воопшто тешко.
2. Следната фаза е танчење на тестото. Измесеното тесто (цело или поделено на 2 или повеќе дела, во зависност од тоа колку тесто ќе замесите) го формираме во плосната форма, го ставаме помеѓу ваљаците на машинката и се извлекуваат кори, поточно долгнавести ленти. Со танчење на корите се започнува од најдебелиот степен, и тоа 4-5 пати, со тоа дополнително се размесува тестото. Потоа ги стеснуваме ваљаците редоследно, се до најтенкото растојание, или еден степен подебел од најтенкото, но тоа зависи од типот на машинката, односно колку тенко таа може да тенчи.
3. Откако лентите се истанчени, следува нивното сечкање. Во зависност од тоа дали сакате да приготвите шпагети или јуфки (таљатели), лентите се сечат подебели или потенки. Тоа се прави на делот од машинката наменет за тоа, односно на делот за потесни ленти или за пошироки ленти. Изборот е Ваш.
4. За тоа време ставаме вода со сол (и малку масло или путер) да зоврие и веднаш ги ставаме шпагетите да се варат. Вариме на тивок оган неколку минути. Послужуваме додека се топли со додатоци по вкус, јас ставив рендано сирење.
Забелешка - По потреба тестото се набрашнува доколку има потреба за тоа, односно доколку ви лепи, додека работите со него на машинката. Исто така исечените ленти веднаш се посипуваат малку со брашно, за да не се залепат при варењето.
На здравје!