Испечати

Пржени лиснати спирали

Пржени лиснати спирали

Состојки

  • Маслено тесто
  • 100 гр брашно
  • 50 гр маргарин
  • Тесто со квасец
  • 250 гр брашно
  • 1 лажичка сув квасец
  • 1 лажичка пециво
  • 1/2 лажичка сол
  • 1 лажица шеќер
  • 2 лажици масло
  • 130-40 мл вода

Подготовка

Обожавам да работам со тесто, а особено ми е предизвик кога ќе видам нешто интересно, нешто што не сум направила. Така беше и кога ги видов овие спирали, посебно нивниот изглед. Погрешив во една работа. Во оригиналниот рецепт тие се пржат. Јас ги испржив половината, а за другата половина одлучив да ги испечам. Грешка. Пржените беа многу, многу поубави и за изглед и за вкус. Овде ќе ви ги прикажам пржените.

Подготовка:
1. Брашното и маргаринот измесете ги. Тестото ставете го во најлонска кеса од 2л, затворете ја кесата и поминете ја со сукало, се додека не се исполни целата. Ставете ја во фрижидер.
2. Сега направете го тестото. Измешајте го брашното, квасецот, пецивото, солта, шеќерот и маслото. Постепено додавајте од топлата вода и месете. Нека одмори тестото десетина минути, па пак убаво измесете го.
3. Расучете го во правоаголна форма дупло поголема од најлончето со тестото со маргарин. Извадете го од фрижидер, расечете го најлончето и плочката ставете ја на средината. Преклопете го од двете страни, маргаринот целосно да се покрие со тесто, дури и малку можете со прстите да го стегнете по краевите.
4. Сега исучете го во подолга правоаголна форма. Визуелно поделете го на три дела, па преклопете го едаш од лево на десно и обратно. Повторете ја постапката уште два пати. Нема потреба од ставање во фрижидер.
5. Постапката е иста како и за домашно лиснато тесто. На крајо пак расучете го во правоаголна форма, со дебелина отприлика 5 мм, краевите отсечете ги, да се добие правилен облик и со ноже за пица пресечете ленти.
6. Секоја од лентите земете ја в раце, малку оптегнете ја, засучете ја и спојте ги краевите (за појасно видете ги сликите). Откако сите ќе ги направите, покријте ги со најлонска фолија да не се сушат додека се одмараат.
7. Се пржат во загреано масло, но никако на јака температура, отприлика на половината (кај мене од 12 на 6). Додека се пржат, цело време превртувајте ги, да добијат убава румена боја од сите страни. Вадете ги со лажица решетка и ставете ги на хартија да се исцеди вишокот масло.