Ровки колачиња (со фил од пржени јаболка)
Состојки
- Фил
- 2 Јаболка (јадро рендани)
- 2 г.л. Шеќер
- 1 Ванила
- по вкус Цимет
- Тесто
- 1 Јајце (големина Л)
- 50 гр Шеќер
- 1 Ванила
- прстофат Сол
- 2 г.л. Млеко
- 50 гр Путер (стопен)
- 1 м.л. Пециво
- 230-240 гр Брашно (просеано)
- За посипување - Шеќер во прав
Подготовка
Идеални за со кафе или чај, превкусни ровки колачиња со фил од пржени јаболка и цимет.
Подготовка на филот
- Јаболката ги лупиме и ги рендаме, ги ставаме во касерола, ги додаваме шеќерот, ванилата и цимет по вкус. Пржиме на умерена температура, до испарување на течноста, што ќе ја испуштат јаболката, мешајќи со дрвена лажица. Тргаме настрана и филот го префрламе во друг сад за побргу да олади. Филот се дели на 2 дела.
Подготовка на тестото
- Во длабок сад ги ставаме јајцето, шеќерот, прстофат сол и ванилата. Соединуваме мешајќи со рачна маталка. Сега го додаваме млекото, промешуваме. Го додаваме и путерот (внимавајте да не биде жежок), а на крај ги додаваме пецивото и брашното.
- Замесуваме глатко тесто, кое го делиме на 2 дела. Додека работиме со едниот дел, иако оди брзо, сепак другиот дел нека биде завиткан во стреч фолија за да не се исуши.
- Врз мрсна хартија за печење расукуваме округла кора со дијаметар од 25 цм. Кората ја сечеме на 8 делчиња, кои на внатрешноста ги засекуваме (видете дополнителни слики). На секое делче ставаме од филот и завиткуваме како кифличка. Постапката е иста и со другата половина од тестото.
- Така формираните колачиња ги редиме во плех за печење (врз мрсна хартија) и печеме во загреана рерна на 180 степени до заруменување. Нека оладат колачињата, па им ставаме одозгора шеќер во прав.
*Забелешка - Количината на брашно можно е минимално да варира, во зависност од големината на јајцето.
На здравје!