Испечати

Овошна кожа

Овошна кожа

Состојки

  • Овошје количина и вид по ваш избор
  • Мед по вкус
  • Зачини по ваш избор

Подготовка

Таканаречената „овошна кожа“ е начин на кој може да се конзервира, сочува, сезонското овошје, без додавање на конзерванси, вештачки бои, шеќери. Најдобро е да се прави во лето, на сонце, исто како и за сушените домати, ама јас сега ја направив дел со замрзнато овошје, во рерна. Третиот начин е дехидратор за храна, нормално ако го имате, но вака мислам дека е побрзо.

Подготовка:
1. Имав замрзнати капинки, едно големо кутивче од павлака и купив ½ кило свежи јаготки. Секое овошје засебно го подготвував, но може и да се измеша. Овошјето ставете го во тенџере на средно силен оган и варете го постојано мешајќи, отприлика 15-20 минути. Целта е да се изгуби голем дел од течностите. Откако ќе го извадите од оган додајте го медот и зачинете по вкус. Јас на оваа количина овошје ставив по 1 лажица мед. Зачини не ставив.
2. Можете да ги отстраните семчињата, јас обично им ги вадам со тоа што ја поминувам смесата низ ситна цедалка. Ако правите на пр. од праски или кајсии, тогаш овошјето само се лупи, нема потреба од цедалка.
3. Сместа поминете ја во блендер, за да добиете кашеста струкура. Плехот прекриете го со хартија за печење или ако имате силиконска подлога. Истурете ја овошната каша и израмнете ја. Дебелината најдобро е ако се движи од 3 до 5 мм.
4. Ставете го плехот во загреана рерна на 70-80 степени. Потребно време е отприлика 3 часа. Повремено отворајте ја вратата од рерната, со тоа ќе излегува пареата. Готово е кога нема да биде лепливо, кога ќе допрете со прст овошјето нема да остава трага.
5. Одлепете ја кожата од хартијата, исечете ја и складирајте ја.
6. Ако ја правите во лето, на сонце, тогаш одозгора прекријте ја со газа, да избегнете влегување на оси и пчели.
Видот на овошјето е индивидуален, може од секое овошје да се направи. Може и да измешате неколку вида на овошја. Може да ставите и малку лимон, така бојата ќе биде поинтензивна, може да се стави ванила, цимет, анис, кардамон, ѓумбир во прав.