Печени банана сусамки
Состојки
- пола (50гр мерена излупена) Банана
- 40 гр Мед
- 110 гр Сусам
Подготовка
Здрав, брз десерт од само 3 состојки. Брзо се припрема и за кратко време ќе имате здраво и вкусно заблажување.
Подготовка
1. Во подлабок сад ја ставаме бананата (исецкана на кругчиња), па го додаваме и медот. Со вилушка убаво се пасира смесата, до нејзино хомогенизирање. Сега го додаваме и сусамот. Соединуваме.
2. Со помош на лажица за сладолед (јас користев таква како мерка за да ми бидат исти сите колачиња) земаме од смесата и ја префрламе во тавчето во кое ќе печеме (врз хартија за печење). Потоа со лажица ги рамниме колачињата (видете дополнителни слики).
3. Во меѓувреме ја вклучуваме рерната да се загрее на 175 степени. Печеме во загреана рерна на 175 степени 10 минути, па намалуваме на 150 степени и тавчето го ставаме за едно ниво погоре, допекуваме уште 10 минути. Додека се печат, најбитно е да се внимава на бојата. Кога ќе почнат да добиваат медено-златна боја тогаш се готови, па затоа во овој дел повеќе ориентирајте се според тоа како пече вашата рерна, наведеното време во случајов е според тоа како пече мојата рерна.
4. Откако ќе се испечат тавчето го вадиме надвор (на допир бидејќи се жешки делумно се меки) ги оставаме така до потполно изладување. Кога ќе изладат, ќе бидат крцкави однадвор, со малку мека внатрешност.
На здравје!