Испечати

Сочно свинско каре

Сочно свинско каре

Состојки

  • 1,5 кг (или по потреба) Свинско Каре (цело парче)
  • по потреба Сол и Брашно (за месото)
  • 1,5 литри Вода
  • 3 коцки Зеленчукови (за супа)
  • по вкус Мешан зачин, црн бибер
  • 3 Ловоров лист

Подготовка

Овој превкусен гурмански ручек беше дел од нашата Првомајска трпеза. За да не добиете суво месо од свинско каре, туку сочно и полно со сопствените сокови, мој предлог е да го спремите на овој начин. Месото е кревко и сочно.

Подготовка

1. Подготовката започнува ден претходно. Целото парче свинско месо убаво го посолуваме, па го валкаме обилно во брашно од сите страни.
2. Во тенџере ставаме масло да се загрее на појака температура. Нека има масло околу 1 прст. Месото се пржи до убаво вцрвување од сите страни.
3. Во меѓувреме, додека го пржиме месото, во друго тенџере ставаме вода да зоврие, па ги додаваме коцките за зеленчукова супа. Јас ставив 1,5 литар вода и 3 коцки за супа. Нека се вари 5 минути.
4. Испрженото месо го префрламе во друго тенџере, додаваме од зеленчуковиот бујон (во количина да се облие до половина месото). Додаваме и од маслото во кое го пржевме месото. Зачинуваме со мешан сув зачин, посолуваме и ставаме ловоров лист. Тенџерето го покриваме со капак (со отвор), нека зоврие на појака температура, па веднаш намалуваме на послаба температура, колку само да крчка течноста.
Така го оставаме да крчка од 3 до 3,5 часа.
5. После истекот на тоа време, врело месото веднаш го замотуваме, убаво стегнато, во алуминиумска фолија, и се остава цела вечер во фрижидер, за да се стегне (нека олади малку завиткано во фолијата на собна температура, па во фрижидер). Сабајлето го сечеме со остар нож на парчиња, и исечените парчиња ги враќаме во течноста во која го готвевме месото. Нека стои во течноста до послужување.
Послужуваме со компир како прилог (или по ваш вкус).

На здравје!