Испечати

Сникерс - Бајадера (со слатка павлака)

Сникерс - Бајадера (со слатка павлака)

Состојки

  • 200 гр Шеќер
  • 200 гр Путер (маргарин)
  • 100 гр Чоколадо (за готвење)
  • 100 мл Слатка павлака
  • 100 гр Крупно сецкани кикиритки
  • 250 гр Плазма Бисквити (мелени)
  • За глазура
  • 100 гр Чоколадо (за готвење)
  • 100 мл Слатка павлака
  • 30 гр Ситно сецкани кикиритки

Подготовка

Превкусна сникерс бајадера, особено за љубителите на кикиритки. Ја правам и без слатка павлака, ама овојпат се одлучив да ја вметнам во овој десерт, и можам да кажам дека се доби превкусна комбинација, особено кремастата ганаж глазура, која се топи во уста. Подготовката е брза и едноставна, и не одзема многу време.

1. Најпрво ги спремаме кикиритките, односно ги сецкаме (едниот дел покрупно, а другиот дел за врз глазурата поситно). Плазма бисквитите истотака ги мелиме (освен ако имате купено готови мелени).

2. Потоа во касерола, на умерена температура, ги ставаме путерот и шеќерот, мешаме се додека се растопи шеќерот. Го додаваме чоколадото искршено на коцкички, мешаме да се стопи. На крај ја додаваме слатката павлака, соединуваме.
3. Сега ги додаваме кикиритките, па мелените плазма бисквити. Добро соединетата смеса ја истураме во тавче обложено со алуминиумска фолија и рамниме убаво.
4. Почнуваме со подготовка на ганажот. Во сад ја затоплуваме слатката павлака (внимаваме да не зоврие), па го додаваме чоколадото, мешаме да се растопи потполно. Глазурата ја истураме врз сникерс бајадерата, па одозгора посипуваме со ситно сецканите кикиритки. Оставаме да се стегне глазурата, па сечеме парчиња со остар нож во големина по желба (јас 2цм х 5 цм).

Забелешка - Садот кој што го користев е со големина 21см х 21см.

На здравје!