Испечати

Велигденски декоративни јајца (со букетчиња)

Велигденски декоративни јајца (со букетчиња)

Состојки

  • по потреба Брашно
  • по потреба Вода
  • малку Сол
  • Плус - прехрамбени бои (може и боја за вапцање јајца) по избор, светки
  • Плус - 1 Белка за лепење на цветчињата (може и со лепак - уфо)

Подготовка

Оваа година решив да ги декорирам дел од велигденските јајца на еден поинаков начин, кој според мене е преубав и несекојдневен. Се надевам и вам ќе ви се допаднат овие букетчиња, направени од мене со помош на мојата ќерка од прехрамбени состојки и прехрамбени бои.

Подготовка

1. Се замесува тесто (малку потврдо) од брашно, вода и малку сол. Количините се индивидуални. На пример за оваква декорација на 10-на јајца ќе треба да замесите тесто со околу 150 гр брашно.
2. Добиеното тесто се дели на неколку дела, во зависност од тоа колку бои ќе употребите. Се додава во секој дел од боите, се изработува убаво тестото и се става во ќесенце, за да не се суши.
3. Зелената боја ја искористив за ливчиња, а останатите бои за цветчињата...вие може по желба да направите и поинаква декорација. Кога работиме со одредена боја, кинеме мал дел од тестото (за да не се суши) го расукуваме на даска, и со помош на цевче (од пошироките) вадиме кругчиња. Кругчињата ги сплескуваме со прстите и ги замотуваме (како палачинка). Врз првото, ставаме друго итн, се додека не се оформи убав цвет (видете додатни слики). Сега со помош на ножица или остар нож, се засекува малку дното на цветчето, да биде рамно, за да може да се залепи на јајцето. Ливчињата ги сечеме во форма на лист, и со помош на чачкалица им правиме линии.
4. Сите оформени делчиња ги оставаме во чинија на собна температура да се исушат потполно. Најдобро е еден цел ден да одстојат, ќе процените и сами. Потоа со помош на четка нанесуваме од белката на долната страна од цветчињата и ги залепуваме на јајцето, држејки така неколку секунди додека да се фиксира. Овој дел со лепење, може да се направи и со уфо-лепак, но јас одлучив се да биде од прехрамбени состојки.

На здравје!