Велигденска куглов плетенка
Состојки
- околу 750 гр Брашно (просеано)
- 200 мл Млеко (топло)
- 12 гр Квасец (сув)
- 1 г.л. + 150 гр Шеќер
- 50 мл Сок од свежо исцеден портокал
- 1 Рендана кора од портокал
- 2 Јајца (Л)
- 3 Жолчки
- 80 мл Масло
- 100 гр Суво грозје
- За премачкување - 40 гр Путер (на собна температура)
- За премачкување на кугловот - 1 жолчка плус 1- 2 м.л. млеко
Подготовка
Декоративна Велигденска плетенка, преубава на изглед, а прекрасна на вкус, е мојот предлог за вашата празнична трпеза.
Подготовка
1. Прво го активираме квасецот, заедно со млекото и 1 г.л. шеќер.
2. Потоа во сад за матење ги ставаме јајцата, жолчките и шеќерот. Миксираме на најспората брзина 2-3 минути. Сега ги додаваме маслото, кората и сокот од портокалот, па активираниот квасец.
3. Почнуваме да го замесуваме тестото, со постепено додавање на брашното, се додека не добиеме меко, мазно, малку лепливо тесто. Не додавајте многу брашно, такво треба да биде тестото. Тестото се миксира во робот миксер или се меси рачно подолго време. Се остава на топло место да стаса. Имајте во предвид дека на тестата кои се благи им треба повеќе време за да стасаат, можеби 1-2 часа, во зависност и од топлината на самата просторија (јас садот со покриеното тесто го ставам во рерна, уклучена на 20-30 степени).
4. Стасаното тесто не се премесува, веднаш го делиме на 3 исти дела. Секој дел го расукуваме на малку намрсена работна маса (не набрашнета) во правоаголна кора со димензии 50х20 цм. Врз првата расукана кора премачкуваме насекаде убаво со путерот, па ставаме пола од сувото грозје. Истата постапка е и со втората расукана кора. Врз овие две кори ја ставаме третата кора, која не ја премачкуваме со путер.
5. Сега сите 3 кори, ги расукуваме полека во должина до 75 цм, па од двете страни сечеме ленти со ширина од 2 цм (видете дополнителни слики). Лентите ги преклопуваме една преку друга, формирајки плетенка. Формираната плетенка ја ставаме во калапот (убаво премачкан со путер) и ја оставаме покриена на топло да стаса. Премачкуваме со жолчката и ја ставаме да се пече во загреана рерна на 180 степени, и веднаш намалуваме на 150 степени. Печеме до заруменување.
6. Испечената плетенка ја покриваме со чаршафче, нека олади малку, па внимателно ја вадиме од кугловот. Послужуваме веднаш додека е млака, а може да се послужи и ладна. Одозгора по желба ставаме шеќер во прав.
Забелешка - Сувото грозје претходно го ставив во остатокот од исцедениот сок од портокал, и додадов врела вода колку да се покрие убаво. Потоа таа течност се цеди, и сувото грозје се става врз хартиена салфета за убаво да се исцеди. Портокалот претходно нека одстои во вода со сода бикарбона.
Калапот кој јас го користев е број 26. Во средината на кугловот, посебно доколку ви е за подарок, ставаме вапцани јајца. Сите наведени состојки да бидат на собна температура.
На здравје!