Мини урма ролат (посно)
Состојки
- 150 гр Урми (свежи) - измерени без семките.
- 150 гр Ореви и лешници (ситно сецкани)
- пола Портокал (сокот - 50мл и кората)
- За потемниот дел плус
- 1 м.л. Цимет
- 2 м.л. Какао
- 1 г.л. Сок од свежо исцеден портокал
Подготовка
Урмите најчесто се консумираат како десерт или засладувач, во најразлични комбинации на смути, за подготовка на енергетски бомбици, за правење на паста од урми итн. Тие се одличен извор на разновидни витамини и минерали, кои ни даваат енергија за целиот ден. Овие мали урма ролатчиња се совршени за здраво заблажување и за зголемување на енергијата, ги направив со состојки по мој избор, кои одлично се вклопија и на изглед и на вкус.
Подготовка
1. На урмите им ги вадиме семките (по желба ги лупиме, јас не ги лупев) ги ставаме во електричен сецко (или во блендер), и ги иситнуваме до добивање на мазна паста. По потреба додајте 1-2 лажици вода. Смесата ја префрламе во подлабок сад.
2. Ги додаваме ситно сецканите ореви и лешници, кората и сокот од портокалот. Соединуваме до хомогенизирање. Смесата ја делиме на 2 дела. Едниот дел останува ист, а во другиот дел ги додаваме циметот, какаото и 1 г.л. сок од портокал - соединуваме.
3. Врз стреч фолија (намрсена) прво ја распоредуваме светлата смеса, па врз неа рамномерно ја распоредуваме темната смеса. Завиткуваме во ролат со помош на стреч фолијата, постегнато. На краевите убаво завиткуваме и така формираниот ролат го дооформуваме на работната маса со ролање напред назад. Нека одстои кратко во замрзнувач, па со остар нож сечеме парчиња.
На здравје!