Испечати

Сутлијаш со Салеп

Сутлијаш со Салеп

Состојки

  • Мерка 1 шол од 200 мл
  • 1 шол (или 150 гр) Ориз
  • 4 шољи (800 мл) Вода
  • 2 шољи (400 мл) Млеко
  • по вкус Шеќер
  • 2 г.л. (40 гр) Салеп
  • Плус Цимет по вкус

Подготовка

Обожавам сутлијаш, а и салеп истотака, па овојпат решив да ги спојам овие два вкуса во еден и добив превкусен сутлијаш со неодолива арома и вкус. Салепот во основа го има како 2 вида. Едниот се продава во мало пакување, не содржи додатоци како шеќер и цимет, а другиот се продава во поголемо паковање и е засладен, а содржи и цимет во составот. Во мојот случај јас употребив од засладениот салеп, кој според мене повеќе ми одговараше според составот за овој десерт, додека другиот салеп најчесто го конзумирам како топол пијалок, подготвен со нискомаслено млеко (или растително), особено во зимскиот период, во комбинација со некои од зачините - цимет, кардамон, ѓумбир или каранфилче, кои значително го збогатуваат неговиот вкус.

Подготовката е на следниот начин

1. Оризот добро го миеме, и го ставаме да се вари со наведената количина на вода.
2. Кога ќе биде прикрај, го додаваме млекото (претходно соединето со салепот), продолжуваме со варењето на сутлијашот, со постојано мешање, се додека да се згусне доволно.
3. Пред самиот крај засладуваме по вкус. Готовиот сутлијаш го префрламе во чаши (јас го покривам со стреч фолија за да не фати кора) и го оставаме да олади.
4. Пред конзумирањето по вкус одозгора ставаме цимет.

Забелешка - Од оваа доза мене ми испаднаа 6 чаши како на сликата. Бидејќи користев засладен салеп, употребив малку шеќер (можеби околу 5 г.л.), ама тоа е секако по вкус. Салепот се додава кај млекото во количина која е наведена во упатството. Салепот кој јас го користев се дозира во следниот сооднос - се става 10 гр салеп на 100 мл млеко, а вие согласно упатството за употреба доколку има потреба корегирајте ја количината.

На здравје!