Самса
Состојки
- За тесто
- 800 гр. просеано бело брашно плус малку за посоп при сучењето
- 2 лажичиња сол
- 1 лажиче шеќер
- 1 јајце
- 1 лажица алкохолен оцет, во оргиналниот рецепт е без него
- по потреба млака вода за да се замеси средно тесто
- 250 гр. стопен путер или маргарин за премачкување
- За фил
- 1 главица рендан кромид
- 3 компири со средна големина, рендани
- 500 гр. телешко мелено месо
- по вкус сол, мелен црн пипер
- 1 јајце за премачкување на готовите триаголници
Подготовка
Самса - превкусни лиснати пити со фил од мелено месо, во триаголна форма.
Ремек дела во узбекистанската и казахстанската кујна. Месото најчесто е говедско и јагнешко, а поретко пилешко. Порано се печеле во специјални глинени печки т.н. Тандар, кои денес за жал се помалку ги има.
Еве ја мојата изведба.
1. Од наведените состојки за тесто се замесува средно тесто, се изработува убаво, се дели на два дела, се прават топчиња и се оставаат да одморат 15 мин., премачкани со масло.
2. Потоа наросуваме брашно на подлогата и го сучиме секое топче во голема танка кора. Се премачкува убаво со растопениот путер. На тесно, виткаме во ролат. Од целата должина сечиме парчиња со должина колку макарче. Ги креваме вертикално и ги притискаме со дланката. Појасно се воочува на дополнителните фотографии. Постапката се повторува и со другото топче. Се сучи уште една кора, се премачкува, се витка во ролат, се сплескуваат.
3. Се ставаат во длабокото замрзнување да отстојат 30 мин.
4. За тоа време се подготвува филот, на тој начин што меленото месо се меша со кромидот, компирот и зачините по вкус.
5. После 30 мин. секое делче се расукува во кружна форма, колку тацна за кафе. Се става фил и се обликува во триаголник.
6. Се редат во плех, се прамачкуваат со разматено јајце и се ставаат да се печат. Се печат на 200 степени 30-40 мин, додека убаво поруменат.
На здравје!