Колач со мелено месо и бел сос
Состојки
- Тесто
- 400гр. брашно
- 150мл. вода (собна температура)
- 140мл. масло
- 1 лажиче сол
- 7гр. пециво
- Полнење
- 400гр. мелено говедско месо
- 1 главица кромид
- 1 јајце
- 1 рака суво грозје
- 1 лажичка цимет
- 5 лажици пармезан
- 1 лажица сецкан магдонос
- по потреба сол и црн бибер
- Сос
- 350мл. млеко
- 15мл. масло
- 15гр. брашно
- 3 полни лажици пармезан
- по потреба сол и црн бибер
Подготовка
Денеска малку експериментирав . За прв пат дојдов на идеја во мелено месо да ставам зачин како што е циметот и суво грозје. Кога кажав дека малку ќе експериментирам, најмалиот по дома ме праша дали овој експеримент се јаде. Имавме супер ручек. На сите им се допадна.
Подготовка:
1. Тесто - Во длабок сад измешајте ги водата, маслото, пецивото и солта. Постепено додавајте го брашното и замесете тесто. Оставете го да отстои додека го спремате полнењето.
2. Во длабок сад ставете го меленото месо. Со рака убаво измесете го. Додајте ги останатите состојки и измешајте. Сувото грозје нека биде отстоено малку во вода, а потоа убаво исцедено.
3. На харија за печење посипете брашно. Тестото поделете го на еден голем и еден мал дел. Големиот дел расукајте го на набрашнетата хартија за печење. Со помош на сукало префрлете ја кората во калапот во кој ќе печете, претходно премачкан со малку масло и набрашнет. На средината нанесете го полнењето. Убаво израмнете го и притиснете. Расукајте го и малиот дел од тестото. Нанесете ја кората врз полнењето и убаво затворете ги краевите. Ставете да се пече на 190 степени, 45-50 минути. Испечениот колач оставете го да се олади во калапот.
4. Додека се лади пригответе го сосот. Во касерола ставете го маслото и брашното. На тивок оган ставете брашното да се подзапржи. Со постојано мешање додајте го млекото. Мешајте додека се згусти.
Тргнете од оган, додајте го пармезанот, сол, бибер и измешајте убаво со жица за матење.
5. Изладениот колач превртете го на чинија за сервирање. Сервирајте го со сосот и свеж зеленчук.
*Забелешка - Јас избрав да го печам во подлабок калап. Ако се пече во обичен округол калап, доволно е да биде со големина од 22- 24цм.