Здрави ресани
Состојки
- Тесто
- 150 гр овесно брашно + 1 лажица
- 2 лажици пулпа од портокали
- 2 лажици кокосово масло
- 3 лажици мед
- 4 лажици течно кокосово млеко ( може замена и со друго )
- 1 лажиче пециво
- желе
- 200 мл сок од портокал ( процеден од пулпата )
- 1 пакетче желатин ( 10 гр )
- 2 лажици мед
- Глазура
- 100 гр темно чоколадо
- 1 лажица кокосово масло
Подготовка
Подготовка:
1. Желе- Желатинот го ставаме во мал сад и додаваме 4 лажици ладна вода. Промешуваме, оставаме 10 минути да набабри. Сокот од портокал го ставаме во сад на оган на средна температура, го додаваме медот, промешуваме да се растопи и загрее, но не да стане врело. Во друг сад го ставаме набабрениот желатин на оган на средна температура, постојано мешаме додека да се растопи. Сокот од портокал го тргаме од оган, го додаваме растопениот желатин и промешуваме. Смесата ја ставаме во сад со димензии 20х20, претходно обложен со хартија за печење. Ставаме во фрижидер да се зацврсти 1-2 часа.
2. Тесто- Во длабок сад ги ставаме 150 гр овесно брашно, ја додаваме пулпата од цедените портокали и кората од портокал, промешуваме со лажица. Ги додаваме медот, кокосовото масло и кокосовото млеко. Замесуваме тесто. Го додаваме пецивото, месиме. Доколку смесата е леплива додадете уште малку овесно брашно. Јас додадов уште 1 лажица. Смесата ја ставаме на најлонска фолија, врз тестото ставаме уште еден слој фолија и со помош на сукало го расукуваме тестото во дебелина од 4-5мм. Со мала чаша вадиме кругови (отприлика дијаметар 3-4 см). Ги редиме на плех обложен со хартија за печење и печиме на 180 степени, 8-10 минути. Внимавајте да не ги изгорите. Оставаме да се изладат.
Желето го сечиме со помала чаша или кружно калапче (отприлика дијаметар 2-3 см). Чоколадото го топиме над пареа заедно со кокосовото масло.
3. Врз долната/ рамна страна од секој круг тесто ставаме по едно парче желе. Со дрвено стапче ги боцкаме, за да се прицврстата заедно и ги чоколадираме од страната каде што е желето. Ги оставаме во фрижидер да се зацврсти чоколадото, најдобро е да ги оставите преку ноќ, бидејќи следниот ден бисквитот е мек и ресаните се ровки.