Испечати

Кајмаци (пуслици, целуфки)

Кајмаци (пуслици, целуфки)

Состојки

  • 3 (115 гр) Белки
  • 115 гр Кристал шеќер
  • 115 гр Шеќер во прав
  • 1 м.л. Лимонов сок

Подготовка

Едноставно ги обожаваме сите по дома.  Знам многу често да ги правам, ама досега во комбинација со додавање на пудинг и матење само со еден вид на шеќер (кристал или во прав). Сега ги направив во комбинација со двата вида на шеќер, и испаднаа перфектни.

Подготовка

1. Белките ги ставаме во садот за матење, ги матиме кратко на поспора брзина, додека да почнат да се згуснуваат, па уклучуваме на најјаката брзина, до нивно згуснување со постепено додавање на кристал шеќерот (јас миксирав 10 минути, бидејќи користев робот миксер, кој е појак од обичните миксери, па затоа со обичен миксер ќе ви треба подолго време, се додека шеќерот да се растопи потполно).
2. Сега го додаваме лимоновиот сок, миксираме уште 1 минута. На крај се додава шеќерот во прав, сега не миксираме, туку со шпатула полека соединуваме до хомогенизирање.
3. Смесата се става во готварски шприц, и истиснуваме форми по желба врз мрсна хартија (во тавчето на 4-те ќошиња ставаме по малку од смесата, за да се фиксира мрсната хартија).
4. Ги печеме, односно сушиме во загреана рерна на 100 степени (1 час), потоа ја исклучуваме рерната и ги оставаме внатре до потполно изладување (јас цела вечер).

*Совет - За нивна успешност се битни повеќе фактори - најдобро е белките да се на собна температура, количината на белките и шеќерот е секогаш 1 спрема 2, односно употребете колку сакате белки, со тоа што ќе додадете шеќер дупло грамови од тежината на белките. Садот каде што ќе матите, пребришете го со оцет, па со сува салфета. Најубаво правете ги одвечер, и после 1 час печење-сушење, оставете ги во рерната до сабајле. По желба додадете боја и правете форми со шприц.

На здравје!