Испечати

Фруктал сок од моркови

Фруктал сок од моркови

Состојки

  • 1 кг Моркови
  • 500 гр Јаболка
  • 2 Портокали (сокот)
  • 1 Лимон (сокот)
  • по потреба Мед (може и шеќер)
  • 3,5 л Вода

Подготовка

Најмногу ги сакам пресно цедените сокови, или во форма на смути, меѓутоа знам многу често да направам и сок на овој начин, бидејќи сепак е далеку подобар од купечкиот, кој содржи многу конзервански, вештачки бои и додатоци, а со својот вкус многу потсетува на него. За овој сок основата е морковот, кој е богат со каротин и кој има силно антиоксидативно дејство. Јаболката, пак помагаат за елиминирање на токсините од организмот, го намалува холестеролот, а заедно го зајакнуваат имунитетот. Сокот е превкусен, и ние и децата го обожаваме, па затоа и вам ви го препорачувам да го пробате.

Подготовка

1. Морковот го лупиме, миеме и сецкаме на помали парчиња (јас во електричниот сецко, и на тој начин бидејќи е ситно исецкан се вари многу побргу). Во длабоко тенџере го ставаме исецканиот морков, ставаме вода колку да се покрие морковот, нека зоврие и вариме 5-10 минути (формираната пена јас ја тргам).
2. Сега ги додаваме јаболката (излупени и исецкани на помали парчиња). За нив е потребно малку време, за да омекнат, па затоа вариме уште 5 минути.
3. Тенџерето го тргаме настрана и оставаме да олади, па потоа таа смеса ја блендираме до добивање на кашеста мазна структура (јас во Нутрибулет).
4. На добиената каша го додаваме сокот од портокалите и лимонот, ја додаваме останатата количина од водата, заблажуваме по вкус (најдобро со мед, ако немате може и шеќер) промешуваме да се растопи.
5. Јас од оваа доза добив 5 л сок, кој според мене нема потреба дополнително да се обработува, бидејќи за два дена го снемува. Но, доколку се решите да направите поголема количина, тогаш добиениот сок ставете го пак на оган, кратко, колку да зоврие, а во меѓувреме стаклените шишиња стерилизирајте ги во топла рерна, па соберете го жешкиот сок во шишињата. Така ги завиткуваме во некое ќебе и ги оставаме до потполно изладување.

Забелешка - Наведената количина на вода е по наш вкус, доколку сакате погуст сок - намалете, или доколку сакате поредок сок - зголемете ја количината на вода. Доколку правите со количина од 3,5 л по рецептот, тогаш измерете ја количината на вода која ќе ја ставите на самиот почеток за варење на морковите и јаболката, па разликата додајте ја после блендирањето, и засладете по вкус.

На здравје!