Лиснати путер пликца (со фил од кашкавал и сирење)
Состојки
- За тестото
- 300 мл Вода (млака)
- 1 м.л. Шеќер
- 2 м.л.(рамни) Сув Квасец
- 1 Јајце
- 1 г.л. Павлака
- 1 м.л. Сол
- 50 гр Путер (на собна температура)
- околу 650 гр Брашно (просеано)
- За фил
- 150 гр Сирење (дробено)
- 200 гр Кашкавал (рендан)
- 1 Јајце
- За премачкување на коричките - 150 гр Путер (растопен)
- За премачкување на формираните пликца
- 1 Јајце
- по потреба Сусам
Подготовка
Декоративни, лиснати, меки пецива во форма на пликца, со корички кои се разлистувааат и превкусен фил, кој по желба и вкус може да се смени.
Подготовка
1. Во длабок сад ставаме 150 мл од водата, квасецот, шеќерот и 2 г.л. од брашното. Промешуваме и оставаме 10-на минути да се активира квасецот.
2. Потоа ги додаваме останатата количина од водата, јајцето, павлаката, солта, путерот и на крај постепено го додаваме брашното. Замесуваме глатко, меко, нелепливо тесто. Го покриваме и го оставаме да стаса.
3. Стасаното тесто го делиме на 8 исти делови, кои ги формираме во топчиња (секое тежи околу 130 гр). Топчињата ги редиме во набрашнет дискус, ги покриваме со крпа, за да не се исушат и ги оставаме 10-на минути да одморат.
4. За тоа време го спремаме филот. Во длабок сад ги соединуваме наведените состојки, мешаме до хомогенизирање. Филот го распределуваме за сите 8 пликца.
5. Сега на набрашнета работна маса го земаме првото топче, го набрашнуваме и го расукуваме што е можно потенко (јас со димензии околу 40х30цм). Расуканата коричка ја премачкуваме насекаде со растопениот путер, превиткуваме од левата страна накај десната страна до средишниот дел. Пак го премачкуваме со растопениот путер овој дел, па сега превиткуваме од десната страна накај левата и преклопуваме врз првиот свиткан дел. И тука премачкуваме со растопениот путер. Добиваме тесен, долг правоаголник, кој го превиткуваме одозгора надоле (мачкаме путер), па одоздола нагоре.
Постапката е иста со останатите 7 топчиња (видете додатни слики).
6. Почнуваме од првото завиткано делче, го расплескуваме малку со рацете како коцка (во димензии 15х15цм) ставаме од филот, и секое соседно крајче го слепуваме едно со друго, за да не испадне филот.
7. Така формираните пликца ги редиме во плех, врз хартија за печење. Ги покриваме, ја уклучуваме рерната да се загрее на 200 степени. Потоа ги премачкуваме со јајцето и им ставаме сусам. Печеме до заруменување, јас печев околу 30-35 минути.
8. Послужуваме додека се топли.
На здравје!