Божиќен колач
Состојки
- 260 гр суво грозје
- 130 гр цреши (јас користев од слатко од цреши исцедени од течноста)
- 100 гр сува брусница
- 100 гр суви кајсии
- 100 гр суви смокви
- 110 гр суви урми
- 200 мл коњак + 50тина мл за дохранување
- 2 портокали- само нивниот сок
- 250 гр путер
- 4 јајца
- 230 гр кафеав шеќер
- 2 лажици мед
- 75 гр бадеми
- 275 гр брашно
- 5 гр цимет
- 1 лажиче мешавина на зачини за медењаци
- За премачкување
- 6 лажици мармалад од кајсии
- 200 гр марципан
- ројал ајсинг
- 3 белки
- 500 гр шеќер во прав
- 3 лажици сок од лимон
Подготовка
Оваа година за прв пат го припремив Божиќниот колач, кој на сите кои го пробаа многу им се допадна. Дефинитивно ќе биде на нашата трпеза и следна година. Среќни празници!
Подготовка:
1. Сувите кајсии, смокви и урми ги сецкаме на коцкички. Во голема тегла ги ставаме заедно со сувото грозје, брусницата и црешите. Во теглата со овошјето додаваме 200 мл коњак и сокот од двата портокали. Промешуваме и оставаме да стои 3 дена со повремено мешање.
2. После 3 дена, бадемите ги ставаме во вода да стојат 10тина часа, ги цедиме ги лупиме и ситно ги сецкаме. Во длабок сад ги ставаме јајцата, ги матиме со миксер. Постепено во смесата го додаваме шеќерот, матиме. Го додаваме медот и путерот, исечен на мали парченца. Кратко матиме со миксер. Ги додаваме сецканите бадеми, мешаме со жица за матење. Го додаваме циметот и мешаниот зачин за медењаци. Постепено го додаваме и брашното, мешаме со жица за матење. Во смесата го додаваме сувото овошје со течноста. Мешаме.
3. Смесата ја ставаме во округол калап со обрач, кој се вади, со дијаметар од 26 цм, обложен со хартија за печење. Печиме во загреана рерна на 170 степени 3- 3 ½ часа. На почеток 30 тина минути без, а потоа покриен со алуминиумска фолија. Зависно од јачината на рерната, по 1 час, може и да ја намалите температурата на 150/160 степени. Откако ќе се испечи, го вадиме од калапот, но не ја вадиме хартијата за печење. Оставаме да се излади.
4. Со стапче правиме дупчиња на повеќе места и го преливаме со 2-3 лажици коњак. Хартијата за печење од дното и страните не ја вадиме, го обвиткуваме целосно со алуминиумска фолија. Го ставаме во кутија и го чуваме на ладно 5-6 недели. Повремено, барем еднаш неделно го отвораме колачот (само горната фолија ) го преливаме со коњак и повторно завиткуваме и чуваме на ладно.
5. Шест дена пред послужување го вадиме колачот од хартиите, го ставаме во чинија во која ќе го служиме. Горната површина ја премачкуваме со мармалад од кајсии. Марципанот го ставаме на работна површина на која имаме ставено шеќер во прав и го расукуваме во дијаметар од 26 цм , за да се прекрие површината на колачот. Го оставаме во ладно или во фрижидер покриен со алуминиумска фолија.
6. Два дена пред служење на колачот- во длабок сад ги ставаме белките, садот го ставаме над пареа и ги матиме белките со миксер 10тина минути. Во белките постепено го додаваме шеќерот во прав, мешаме со жица за матење. Го додаваме и лимоновиот сок, промешуваме. Со смесата го премачкуваме колачот од сите страни. Го чуваме во фрижидер.